• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Рилкоски: Доколку политичките партии играат фер пјеј, ќе имаме фер и демократски избори

Рилкоски: Доколку политичките партии играат фер пјеј, ќе имаме фер и демократски избори

Доколку политичките партии играат фер пјеј, ќе имаме фер и демократски избори, вели претседателот на ДИК, Никола Рилкоски. Комисијата веќе работи на отстранување на пропустите во изминатите избирачки процеси. Голема улога во одвивањето на изборите треба да одигра меѓународната заедница, смета Рилкоски.

 |  Јаковлева Лионела  | 

ДИК интензивно се подготвува за парламентарните избори во април. Се детектираат пропустите во изминатите избирачки процеси со цел да се анулираат или целосно отстранат. Најголем проблем за спроведување на фер и демократски избори се ненавремениот увид во избирачките списоци, влијанието и притисоците од политичките партии врз гласачите и членовите на избирачките одбори, притисоците и манипулациите кои се вршат врз гласачите од ромска националност. Претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски вели дека еден дел од пропустите ќе се отстранат со додатни обуки и договарања, но дел од нив тешко, бидејќи не останува многу време  до парламентарни избори кои ќе се одржат наредната година.

Тешко ќе се отстранат пропустите во оној дел каде партиите имаат задача да делуваат кај граѓаните. Зависи дали партиите сакаат или не да ја тераат работата онака како што треба со цел да се запази демократијата и законот. Тука ниту ДИК, ниту други органи можат да имаат особен придонес, вели актуелниот претседател на ДИК.

Изборниот законик претрпе некои измени и дополнувања. Рилкоски истакна дека дел од нив во голема мера ќе придонесат за подобро спроведување на изборниот процес. Ги наведе измените при изборот на пратеници од дијаспората и новините при идентификацијата на гласачите на денот на изборите која ќе се врши и со нивна фотографија во избирачките списоци.
Дали изборите ќе се фер и демократски Рилкоски со став.

Водејќи се од искуствата од минатите изборни процеси, не сум преголем оптимист дека наредните избори ќе поминат во фер и демократска атмосфера. Верба имам единствено во меѓународната заедница, со чија помош Македонија би можела да се приближи кон спроведувањето на фер и демократски избори, дециден е претседателот на ДИК.

Државната изборна комисија во сегашниот состав ќе функционира до крајот на овој месец. Со дополнувањето на изборниот законик настанаа поголем број новини. Сега наместо седум члена, идниот состав на ДИК ќе брои девет членови. Тројца предложени од владеачката коалиција, тројца од опозицијата  и тројца неутрални членови експерти. Претседателот и потпретседателот ќе бидат избрани од предложените тројца неутрални членови на комисијата. Од денес ќе почне рокот од 8 дена за пријавување. Останува да видиме дали Рилкоски и понатаму ќе биде дел од новиот состав на ДИК.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top