Фекалии на неколку метри од храна

Дефект на канализациона шахта од која се излеваа фекалии го блокира пристапот до градскиот пазар од страната на булавар „Туристичка“. Екипи од „Нискоградба“ денеска работеа на санација на проблемот кој настана пред повеќе од една недела.  Само на два метри подолу на гајби пред пазарот се продава храна, а Од Општинскиот инспекторат никој не дојде да види, а камо ли да преземе некакви мерки за да ги заштити купувачите од можните последици.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Дефект на канализациона шахта од која се излеваа фекалии го блокира пристапот до градскиот пазар од страната на булавар „Туристичка“. Проблемот е присутен повеќе од една недела. Вработените во аптеката Зегин за дефектот, како што велат, уште тогаш информирале во ЈП „Нискоградба“. Екипи од ова јавно претпријатие дошле на терен, но не можеле да интервенираат бидејќи шахтата се наоѓа во самата аптека поради тоа што објектот бил доградуван. Денес проблемот ескалира, па од сабајле екипите од „Нискоградба“ работат со цел да изнајдат решение и да го спречат излевањето на фекалии.

Дефектите се отстрануваат по пријава на граѓани и најчесто до следниот ден се врши увид на лице место и се врши отстранување на дефектот. Доколку бара некоја поголема интервенција тогаш се одлага, но се прават напори во најскоро време да се отстрани дефектот, вели Нина Трендафилова- помошник директор за оперативно-технички работи.

Инаку, проблемот со излевањето на шахтата има повеќе аспекти. Таа е во непосредна близина на градскиот пазар, а денес бидејќи е пазарен ден вриеше како во кошница. Многу од производителите на овошје и зеленчук кои се од околните села доаѓаат само во понеделник за да ја продадат својата стока. Тие немаат закупено тезги во пазарот, туку производите ги изложуваат на импровизирани тезги околу пазарот. Денес и не беше баш убава слика да се гледаат излеани фекалии, а во непосредна близина да се продава храна. Колку пак е хигиенски воопшто не станува збор. Од Општинскиот инспекторат никој не дојде да види, а камо ли да преземе некакви мерки за да ги заштити купувачите од можните последици.

Од „Нискоградба“ велат дека тие максимално се грижат околу одржувањето на канализационата мрежа која се состои од 165 километри фекална, мешовита и атмосферска канализација. Но таа е дотраена па многу често има дефекти. Месечно и по 250 до 360, а годишно дури 3000 дефекти.

Овие дефекти најчесто настануваат поради неправилно користење на канализационата мрежа. Корисниците во канализационата мрежа фрлаат секаков отпад кој доведува до пореметување на функционирањето на канализациониот систем и се јавуваат чести застои.

Канализационата мрежа многу често се запушува и поради фрлање на масти и масла во шахтите, поради малиот капацитет на цефките и поради несепарираноста на атмосферските со фекалните води. Дефектите можат да се пријават во ЈП „Нискоградба“ на тел. број 046 260-298.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top