Езерско ракометно дерби во сабота

По две тешки гостувања Градскиот ракометен клуб Охрид, суперлигашкото натпреварување го продолжува на домашен терен и тоа со езерското дерби. Покрај дуелот на ракометарите во сабота во 19 часот свое соочување ќе имаат и верните навивачки групи на двата езерски града.

 |   | 

Нема подобра ракометна најава за еден натпревар од езерско дерби. Охридскиот ракометен клуб се наоѓа пред важен натпревар во кој влегуваат како благи фаворити, но во вакви тензични дуели фаворитската улога не значи многу, ќе кажат играчите. Потребна е добра игра во двата правци, помош на публиката и ладни глави. Струга е добра екипа која негува бавен ракомет со цврста одбрана предводена од голманот Мијатовиќ кој во никој случај не смее да се разбрани. Свој дуел покрај ракометарите на теренот ќе имаат и навивачите на трибините каде се очекува присуството на струшката група Паткари.  

Веќе две години немаме играно дома ваков натпревар. Убеден сум дека ќе има многу публика, рибарите ќе се во голем број. Благодарност до нив што ни даваат подршка во секој натпревар. Нормално е да се игра пред полни трибини отколку во празна сала како да си на тренинг, поинаква е мотивацијата за игра – изјави Иван Тасески.

По првата половина од првиот дел на табелата охриѓани се ноѓаат на седмото место со 5 бодови заостаток зад Тиквеш и Пролет. Целта на клубот е да се најдат меѓу првите шест екипи кои обезбедуваат место во плејофот кое за многумина уште отсега е недостижно. Но ракометарите се оптимисти и уверуваат дека следат подобри времиња и дека не е се изгубено.  

Дојде до мал пад на формата, сега ни доаѓа полесен распоред и се надевам дека во наредните 4 натпревари ќе освоиме 9 бодови и повторно се враќаме во трката за плејоф – изјави Филип Кривокапиќ.

Натпреварот ГРК Охрид- РК Струга е закажан за сабота со почеток во 19 часот во СРЦ Билјанини извори.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top