Езерската вода е исправна за капење

Езерската вода е исправна за капење. Таа речиси по целата брегова линија е од прва категорија, а само на некои места е од втора. Ова го покажале последните наоди од контролите извршени на површинските води на езерското крајбрежје од страна на Центарот за јавно здравје.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Езерската вода е исправна за капење. Таа речиси по целата брегова линија е од прва категорија, а само на некои места е од втора. Ова го покажале последните наоди од контролите извршени на површинските води на езерското крајбрежје од страна на Центарот за јавно здравје. Во средината на јуни беше евидентирано загадување на водата на делот кај одморалиштето „Партизан“, поради што беше забрането капење на овој потег. Преставници на Центарот за јавно здравје заедно со директорите на ЈП Проаква и ЈП Нискоградба излегле на терен и констатирале дека загадувањето доаѓа од излевање од канализациона цевка и колекторска цевка по што веднаш таа била санирана. По интервенцијата било потребно некое време водата да се исчисти така што последните наоди кажуваат дека состојбата и таму е подобрена.

Најновите анализи што ги правевме, две последователни на 15-ти и 17-ти јули, водата е исправна за капење, спорт и рекреација и од плажа „Мизо“ и од одмаралиште „Партизан“ и целиот поширок појас. Каде што беше од трета класа, сега водата е втора класа и може да се користи, вели Сашо Точков, директорот на ЦЗЈЗ.

За ова се известени инспекциските служби за да постапат по однос на воведената забрана.

Од Центарот за јавно здравје вршат константни контроли и на квалитетот на водата од јавните чешми, при што наодите покажуваат дека истата е исправна за пиење. Кај водата од „Билјанини извори“ забележлив е променлив карактер во квалитетот, но последните контроли покажаа дека и таму водата може да се пие.

Останува апелот дека таа е со променлив квалитет и да се следат оние наши препораки и да се внимава при користењето. Ако нема табла за забрана тоа значи дека водата е исправна, вели Точков.

Точков потенцира дека постојано се прават контроли на водата од целото крајбрежје, посебно во летниов период, па граѓаните и гостите можат да бидат мирни. Единствено делот каде што се влева реката Велгошка е повторно загаден, таму водата е од трета класа, но тој потег не се користи за капење.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top