Денес Националната агенција за европски образовни програми организираше информативен настан за образовните институции и невладини организации за бенефитите од оваа програма.
Интернационализација на образовните институции, нови методи за предавање, мобилност на студентите и учениците. Ова се само дел од бенефитите на Еразмус плус програмата на Европската унија, една од водечките програми во сегментот образование, обука, спорт и млади. Денес, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност за охридските образовни институции како и невладини организации кои се занимаваат со обуки, спорт или млади, организираше инфо ден во кој им ги презентираше предностите на оваа програма. Дарко Димитров, директор на агенцијата, вели дека се исклучително задоволни од соработката со општина Охрид, но и одзивот на образовните институции од градов.
„За нив ова значи исклучително добра можност за интернационализација, ставање на нивните институции во контакт со европските образовни системи. Така да преземање на добри искуства, но и продуцирање на интелектуални аутпути од кои произлегуваат најчесто курикулуми, методи за предавање, но се најразлични прирачници. Додека за учениците исто така, постои можност за остварување на мобилност која е исклучително атрактивна и многу важна во кариерата на било кој наставник и ученик имајќи предвид дека преку ова ги зголемуваат своите јазични компетенции, европското искуство, но и стекнуваат искуства и гледаат модели кои се применуваат во развиени земји во Европската Унија.“-вели Димитров.
Димитров вели дека еден од најинтересните и најкорисните бенефити на Еразмус плус програмата е тоа што после било каква мобилност, односно посета на некоја европска држава, учениците, студентите или професорите добиваат еуропас сертификат кој важи во цела Европа, а кој може да им биде од голема помош при потрагата по работа во Македонија или во некоја европска земја.
„Република Македонија е полноправна членка во програмата, а тоа значи дека сите корисници на нашите програми ги имаат истите права и обврски како било кој друг корисник од било која друга европска земја. Сертификатите се валидни во сите европски земји. Всушност се работи за сертификат кој се имплементира од страна на Европската Унија, односно Европската Комисија, преку Националните агенции или центри за еуропас во земјите членки. Република Македонија од 2014та година има свој национален центар за еуропас, така што овие сертификати на пазарот на трудот ќе бидат исклучително ценети од страна на работодавачите, како во земјава, така и во странство.“-рече Димитров.
Како програма, „Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да партиципираат во друга програмска држава за учење, стажирање, предавања, воедно да обучуваат или развиваат професионални вештини и компетенции. Инаку вкупниот буџет за „Еразмус плус“ изнесува 14.7 милијарди евра. Нуди зголемени можности за учење во странство за ученици и наставен кадар. Грантираните проекти ќе обезбедат обука за приближно 4 милиони лица и 125.000 организации. Прв ваков корисник од Охрид е Електромашинскиот училишен центар „Св.Наум Охридски“ од Охрид, кој со триесетина свои ученици ќе влече искуства од партнерски училишта во Турција.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град