Од Билатералниот секретаријат за заштита на езерото, велат дека најдобро е младите што порано да се запознаат со значењето на заштитата на флората и фауната во Охридското Езеро.
Околу 120 средношколци од електро-машинскиот училишен центар-„Свети Наум Охридски“ денес имаа можност да се запознаат со тајните на Охридското Езеро односно неговиот жив свет. Денешното предавање беше дел од проектот на Здружението „Јадрански слив“, „Млади амбасадори на живиот свет во Охридското Езеро.“
„Денеска имаме гости од Секретаријатот за животна средина, подготвена е една трибина, предавање за флората и фауната во Охридското Езеро. Охридското Езеро е национално богатство, особено ние охриѓани сме горди на тоа што го имаме и мора да покажеме грижа од најмала до најголема возраст, сите заедно за флората и фауната во Охридското Езеро. Конкретно како што кажав трибината е посветена на рибниот фонд во Охридското Езеро.“-рече директорот на ЕМУЦ-„Св.Наум Охридски“, Јане Цаноски.
Дејан Паноски, од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро вели дека младите го имаат товарот да ги поправат грешките на претходните генерации кои придонеле во уништувањето на живиот свет воопшто.
„Нашата идеја е колку повеќе ги запознаваме нашите најмлади сограѓани со борбата за заштита на Охридското Езеро и рибниот фонд, толку повеќе имаме шанси во догледна иднина квалитетно и трајно да го заштитиме и езерото и целокупниот слив и да создадеме услови за негов одржлив развој, економски развој на целокупниот регион во кој што живееме.“-вели претставникот на Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро, Дејан Паноски.
Инаку во рамките на овој проект, здружението „Јадрански слив“ спровело и анкета во основните и средните училишта во градов, при што се добиле разочарувачки резултати.
Анкетата покажала дека за жал, 100 проценти од учениците не ги знаат сите видови на риби, 94 проценти знаат само четири видови риби, а 92 од испитаниците не можеле да ги разликуваат пастрмката, крапот и белвицата. Истражувањето било направено на околу 500 ученици од градов.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град