Оваа претстава ќе се игра во посебно прилагоден амбиент во центарот за култура, кој треба да долови автентична атмосфера.
Четврта театарска премиера на Народниот театар од Охрид за прекрасно заокружување на 2012 година. Брилијантните актери на охридскиот театар продолжуваат со претставите по текстови на Славомир Мрожек. Овој пат на дневен ред е претставата „Емигранти“ која е режирана од младата и талентирана режисерка, Ирена Стеријовска.
„Нашата репертоарска политика е како што реков создавање на традиција и на гледање на класици, гледање на нешто што е висококалорично и од друга страна, добро наместено во супер адекватни простори и мислам дека тоа е еден од главните просперитети на една вистинска, брендовска, театарска, репертоарска политика.“-вели директорот на Народниот театар од Охрид, Горан Стојаноски.
Режисерката на претставата, Ирена Стеријовска, вели дека во охридскиот театар наишла на сериозен и посветен ансамбл. Претставата „Емигранти“ е уште еден од текстовите кои се занимаваат со човечкиот и општествен апсурд.
„Емигранти е приказна која што раскажува животи во кои што секој може да се пронајде. Тоа е приказна која што раскажува за тоа како човекот секогаш безразлика на тоа во какви услови живее, секогаш сонува за некаков си поубав живот, можеби побогато денес, можеби посветло утре, некое поголемо јас.“-рече режисерката, Ирена Стеријовска.
„Емигранти“ ќе се одигрува во посебно адаптиран простор во рамките на центарот за култура „Григор Прличев“. Овој простор треба да ја долови автентичноста на атмосферата во подрумот во кој се заглавени нашите двајца „емигранти“, а од театарот дополнуваат дека овој простор ќе се користи и за други претстави, особено во зимскиот период бидејќи е одлично затоплен.
„Двајца, во нашата приказна се четворица, имаме уште две девојки кои ја надополнуваат целата таа атмосфера на заглавеност и она што тие две лица од надвор го носат е она што го поседуваат, како еден вид на идеја, еден вид на идеологија, како еден вид на она што е надвор, а ние тука во подрумот како ликови не можеме да го видиме, да го осознаеме.“-изјави актерот, Стрезо Стаматовски.
Вториот емигрант во претставата го игра актерот Никола Тодороски. Тој вели дека оваа претстава носи една многу популарна тема, емигрантството.
„Ние на дневна база се судираме со ова прашање, дека таму некаде на запад или на исток е толку прекрасно и волшебно, но забораваме еден прост факт, а тоа е дека дури и да отидеш таму, ти пак ќе си овде. Кај и да си, ти си тука и сега.“-вели Тодороски.
Покрај Стаматовски и Тодороски, во претставата уште играат и сестрите, Биљана и Андријана Билаловиќ. Претставата „Емигранти“ е вкупно 65та претстава на охридскиот театар во оваа 2012 година. Претпремиерата на „Емигранти“ ќе се одигра во сабота 29ти, а премиерата во недела на 30ти Декември со почеток од 20 часот.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град