Учениците од охридските основни училишта ја покажаа својата хуманост, но и нивните ориентациони способности на годинешниот натпревар Компас 2016.
Основците од градов ем ја покажаа својата хуманост, ем ги покажаа нивните способности за ориентација во просторот. Втора година по ред, учениците организирани во екипи имаа задача преку дешифрирање на загатки, да откриваат локации, на кои добиваа нови загатки за истражување на нови локации. Една од целите на овој натпревар, покрај хуманата димензија е младите да си ги зајакнат вештините за ориентација во просторот, тимската работа, снаодливоста и брзината, но и да го запознаат градот.
„Денеска се одржа хуманитарниот натпревар по ориентација „Компас 2016“ кој го организираа младите од Црвен крст Охрид. На него учествуваа младинци од основните училишта од Охрид, вкупно 12 екипи со по шест учесници во една екипа. Дел од локациите беа куќата на Робевци, Пожарна, Итна медицинска помош, Црвен крст, Капетанија.“-вели Ѓоко Маркоски, лидер на Клубот на млади на Црвениот крст од Охрид.
Сите ученици за своето учество во натпреварот донираа симболични 50 денари, средства кои Црвениот крст ќе ги искористи за нивните штитеници.
„Има за цел екипите да го истражат Охрид, градот, да се запознаат со одредени знаменитости, на извесни локации, на крајот да се соберат хуманитарни средства кои понатаму ќе бидат насочени или дистрибуирани кон наши целни групи или целни групи на одреден проект кој го имаме во Промоција на хумани вредности или Црвен крст во акција, ПХВ малите проекти кои младинците ги изработуваат за овој циклус.“-рече Младен Божиновски од Црвениот крст од Охрид.
Инаку како најбрзи, најснаодливи и најдобри во просторна ориентација се покажаа учениците од ОУ „Климент Охридски“ кои го освоија првото место, второ место освоија учениците од ОУ „Св.Наум Охридски“ од Пештани, а трети беа учениците од ОУ „Братство Единство“ од населбата Лескајца. По завршувањето на натпреварот, беа доделени соодветни признанија и дипломи за учесниците на овој хуманитарен натпревар.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град