Туристичката агенција “Фибула Аир Травел“ со подетално објаснување на условите за изградба на елитниот хотел со 5 ѕвезди, кој треба да изникне најдоцна за 6 години. Вкупната вредност на инвестицијата се движи од 50 до 60 милиони евра, а се очекува повеќе од 500 нови вработувања.
Елитниот хотелски комплекс со 5 ѕвездички-стимул за хотелиерите, но стимул и за нови вработувања во оваа област. ТА “Фибула Аир Травел“ денес излезе со подетални информации околу условите за добивање на тендерот за изградба на хотелскиот комплекс. Покрај банкарските гаранции, државата од понудувачот барала во рок од една година да достави проект, да ги плати потребните комуналии и да достави барање за градба. Покрај ова, во рок од 3 месеци од завршувањето со градбата, инвеститорот е должен да го брендира изградениот хотел, а изградбата на хотелот не смее да трае повеќе од 6 години од добивањето на градежната дозвола. Во спротивно, државата го зема во своја сопственост објектот, без разлика во која фаза од изградбата се наоѓа.
„Со ова го почнуваме процесот на инвестиција вредна помеѓу 50 и 60 милиони евра како и придвижување на локалната градежна занаетчиска оператива и отворање на минимум 500 работни места….ова значи уште една голема турска, туристичка инвестиција во Република Македонија и Охрид и нов импулс за придвижување на стопанството и економијата со отворање на нови работни места за кадарот од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид.“-рече Асим Меџедовиќ, извршен менаџер на „Фибула Аир Травел“
Елитниот хотел е конципиран да работи во текот на целата година, а не сезонски, а се очекува да влијае и на понатамошен развој на конгресниот туризам, но и хотелиерството воопшто и да служи како импулс за останатите сопственици на хотели да реинвестираат во своите капацитети. Но можеби најважна констатација е фактот дека овој хотел ќе го носи името на некои од светски познатите хотелски брендови.
„Во преговори сме со неколку светски брендови. Ја имаме и помошта на ХОТАМ. Ќе видиме понатаму кој бренд ќе одговори на нашите барања на потребите кои што во Македонија треба да ги има еден хотел со 5 ѕвезди, на потребите од туристите кои доаѓаат овде, тој бренд ќе го избереме.“-додава Меџедовиќ
Доколку овој хотел работи со искористеност од 70% од расположливите капацитети, се очекува да иницира вработувања од најмалку 2 до 3 лица по соба, а самиот објект ќе вклучува помеѓу 600 до 750 соби.
Инаку, ТА “ Фибула Аир Травел“ на објавениот тендер од Министерството за транспорт купила земјиште кое ги вклучува парцелите 1.4 и 1.2 од УЗ бр.17, кои се наоѓаат кај бараките на Трудбеник. Уште при донесувањето на ДУП-от за овој потег, во февруари месец 2009-тата година, околу оваа атрактивна локација се крена прашина. И денес, со објавувањето на бројот на парцелите од страна на менаџментот на “Фибула Аир Травел“, повторно оваа локација е во центарот на вниманието.
Имено, по одржаната пресс конференција до нашата редакција веднаш пристигна реакција од Ацо Спироски, сопственикот на Градежното претпријатие „Трудбеник“. Спироски се чуди како државата може да продава земјиште врз кое неговата фирма има корисничко право. Дел од земјиштето на кое „Фибула“ планира да го гради елитниот хотел не е државно, тврди Спироски, објаснувајќи дека на дел од парцелата 1.2 „Трудбеник“ има корисничко право и додава дека во тек е постапката за добивање сопственост врз истата. Потсети дека уште пред речиси две години тој ја најави изградбата на хотелскиот комплекс „Окото на Охрид“ токму на ова локација на која „Фибула“ треба да гради, но дека истата не е почната бидејќи кочат административните работи. Спироски верува дека направен е ненамерен превид и дека во најбрзо време ќе се разјаснат работите, бидејќи како што рече, ова е држава каде што постојат и се почитуваат законите.
Останува во наредните денови да се произнесат надлежните од Министерството за транспорт и врски и да ја разјаснат новонастанатата ситуација околу изградбата на елитниот хотелски комплекс во Охрид.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град