Денес основците од „Григор Прличев“ порачаа доста за бучавата во Охрид симболично затворајќи ги ушите. Нивната крајна цел е подигнување на еколошката свест за зачувување на Охридското Езеро, а нивните еко пораки патувајќи низ светските океани да допрат до бројни амбасади.
Силни еко пораки овековечени на фотографии што вредат илјада зборови. Малите основци од „Григор Прличев“ денес со силата на фотографијата и нивната несопирлива креативност испратија порака против бучавата во Охрид, симболично затворајќи ги ушите. Во рамки на интересниот проект „Спасете го Охрид, спасете ја планетата“, дечињата сериозно го сфатиле проблемот за еколошката состојба на езерото и културно-историските споменици. Детските очи уште еднаш покажаа дека гледаат нешта што возрасните не успеваат да ги забележат. Тие сигнализирале за пластичните шишиња во езерото кои служат за приврзување на бородовите, а кои според нив, странците ги гледаат како отпад, па направиле напор таа ситуација да се исправи.
„Направија едно писмо до капетанијата, во кое што овој проблем што нам ни се чини малечок, минорен, го забележуваат странците и забележуваат дека влијае. Тоа е само еден дел краток од сето ова, но нивните иницијативи се исклучително важни. Денеска сакаме да се бориме против бучавата која му се заканува на Охридското Езеро и на луѓето кои се дојдени на одмор. Денеска сакаме да покажеме дека 90 проценти од водата во Охридското Езеро е од прва категорија и дури може да се пие, што е веројатно реткост во светот, и денес сакаме повторно да покажеме дека културно-историското наследство е едно од најголемите богатства на ова езеро.“-вели Румен Ќамилов, носител на проектот „Спасете го Охрид, спасете ја планетата“.
Нивните денешни активности се само продолжение на она што веќе го започнаа како еколошка активност. Проектот „Спасете го Охрид, спасете ја планетата“ треба да финишира со пуштање на еко пораки во шише во сите светски океани и мориња. Врските што ќе ги воспостават амбасадорите кои се во Македонија и кои се подготвени да ја поддржат оваа акција, ќе ги поврзат учениците од Охрид, со нивните колеги од целиот свет. Еколошката свест тие ќе ја подигаат на бројни начини.
„Ќе ги мапираат местата со отпадоци ќе ги снимаат и ќе ги закачат на својата географска карта, каде е потребно да се интервенира, во смисла да се исчистат одредени сегменти на езерото, на планината. Мислам дека тоа е проект што ќе трае долго, и веројатно оваа генерација ќе отиде и во средно и на факултет, но се надевам дека тие пораки што ќе стигнат во светот, ќе ни вратат одредени информации, каде се пронајдени тие шишиња, затоа што ќе има повратна информација каде треба да се испрати пораката и мислам дека најважно е што децата се исклучително заинтересирани ова да успее.“-рече Ќамилов.
Инаку основната цел на проектот „Спасете го Охрид, спасете ја планетата“ е да се подигне еколошката свест за зачувување на Охридското Езеро. Според Ќамилов, на дечињата не им е потребна никаква едукација, туку само еден начин како низ задоволство и игра да ги научат возрасните како да го чуваат езерото и богатството. Во нивната претходна акција во рамките на овој проект малите основци ја пренесоа пораката за спас на препознатливиот охридски чинар правејќи жив синџир околу стеблото држејќи се за рацете.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град