Екипите на ЈП Охридски Комуналец се справија со првите снежни врнежи оваа година

 Проодни се сите патишта и улици во Охрид и околината. Oд Комуналец ги потсетуваат граѓаните на законската обврска од чистење на снегот од јавните површини пред нивните домови и деловни простори.

 |  Валентина Неловска  | 

Проодни од снег се сите патишта и улици во Охрид и околните села, информира Љупчо Грданоски, директор на ЈП Охридски комуналец. Екипите навреме посипаа абразивен материјал и со механизација го исчистија снегот од охридските улици и патишта почнувајќи од Варош и Бараки. Покрај градските улици исчистени се и периферните патишта кои водат кон повисоките населени места како што се Елшани, Коњско, Рача и Велестово, вели Граданоски за синоќешната работа на нивните екипи на терен.

„Велестово беше меѓу првите места каде што интервениравме и имавме позитивни реакции. Имаше неколку заглавени возала и со интервенција на Јавното претпријатие беа одблокирани и се вратија во градот.“- вели Грданоски.
Директорот на ЈП напоменува дека на улиците посипале абразивни средства, но ниските температури не дале ефект за да се стопи мразот. Мразот се топи до минус 5 степени, а ноќните ниски температури во Охрид достигнале минус 7 степени. Топење на мразот се очекува по денешните повисоки дневни температури кои ќе имаат ефект врз мразот. Грданоски ги потсетува граѓаните на обврската од Законот за јавна чистота за чистење на снегот од јавните површини пред нивните домови и деловни простори.

„Голем дел од граѓаните ја исполнија обврската, а има и такви кои не ја исполнуваат обврската. Ние како ЈП не сме надлежни да казнуваме и опоменуваме. Ќе ја работиме нашата работа со расположливата механизација и физичка сила колку што можеме.“ – додава Грданоски.

Синоќа во чистењето на снегот се вклучиле и екипите од ЈП „Македонија пат “ РЕ Охрид . При тоа се исчистени магистралните делници за кои се надлежни и тоа булеварите Туристичка, Железничка, 15 ти Корпус и патниот правец од Билјанини извори до Св. Наум.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top