Едукација на родители на деца со аутизам

На иницијатива на дефектолозите од ОУ Св. „Климент Охридски“ се организира едукација на родители на деца со аутизам. Ова се јавило како потреба поради фактот што во нашата општина се повеќе расте бројот на деца кои се во ваква состојба. Обуките се бесплатни, а ќе ги држат еминентни стручњаци од земјава и странство.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Во Охрид расте бројот на деца со аутизам. Нивните родители многу пати поради немање доволно знаење и информации не знаат како да се справат со состојбата во која се наоѓа нивното дете. Ова било причина повеќе на иницијатива на дефектолозите од ОУ Св. „Климент Охридски“ да се организира едукација на родители на деца со аутизам. Обуките ќе се одржат на почетокот на септември, тие се бесплатни и се организираат во рамките на проектот „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство кој е дел од Еразмус + програмата на Националната агенција за европски образовни програми на Англија.

Во нашиот град има повеќе вакви дечиња и добро е да се држат што повеќе вакви обуки. А како училиште знаете дека ние сме отворени за сите ученици и оние кои се со посебни потреби толку добро се инклузирани што не чуствуваат никаква дискриминација, а резултатите се евидентни, вели директорот на ОУ Св. „Климент Охридски“, Јордан Пуроски.

Проблемот со инклузијата на аутистичните деца е институционален. Тој треба системски да се решава, а не парцијално, велат дефектолозите. Во Македонија веќе петнаесетина години се зборува на тема подобрување на условите на семејствата со деца со аутизам. Неопходно е отворање на центри за аутизам, формирање на национален регистар и креирање национална стратегија за справување со аутизмот. Мора да се работи и на зголемување на бројот на дефектолозите во образовните институции. Во Охрид само мал број на стручен кадар е обучен за работа со вакви деца.

Имаме веќе еден ученик со аутизам во нашето училиште и според условите со кои располагаме се трудиме да напредува што повеќе во совладување на материјата. Резултатите се видливи, а препорака од стручните служби е ваквите деца да учат во посебните паралелки бидејќи на таков начин може да им се обрне поголемо внимание бидејќи со нив работи стручно лице, вели Пуроски.

Од локaлната најавуваа дека во Охрид ќе се отвори центар за аутизам кој требаше да биде сместен во ОУ „Братство Единство“, но овој проект пропадна. До отварањето на специјални центри каде овие дечиња ќе можат да се образуваат и социјализираат останува само можноста за што поголема едукација на родителите и дефектолозите кои треба да им помогнат на овие деца. Најавената обука ќе се одржи во периодот од 2 до 3 септември во зградата на Општина, а заинтересираните можат да го пријават своето присуствио до 30ти август на тел. 075 725951, или на е-маил secretary@mssa.org.mk. Координатор на проектот е Универзитетот Нортхемптон, а додека пак партнерски организации се: Едукациско-рехабилитацискиот факултет од Загреб, Центар за аутизам од Загреб, Аутизам Европа со седиште во Белгија, Центар за развој и поддршка на деца и адолесценти со аутистичен спектар на нарушувања од Кипар, Европски универзитет од Кипар, Македонско научно здружение за аутизам од Македонија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top