Една цена на рафт, а друга на каса. Купувачите реагираат дека многу често се нашле во непријатна ситуација и платиле повеќе отшто мислеле дека чини производот. Од Организацијата на потрошувачи на Македонија ги советуваат купувачите да не ја плаќаат повисоката цена и случајот да го пријават во Пазарниот инспекторат.
Кога одите на пазарување треба да отворите четири очи бидејќи во супермаркетите често се случува на производот изложен на рафт да има една цена, а кога ќе плаќате на каса продавачот да ви каже друга, најчесто повисока цена. Граѓаните реагираат и укажуваат дека тоа се недоразбирања кои најчесто се поврзани со ценовникот или со неправилно означување на производите. Најчесто цехот го плаќаат помалку внимателните купувачи, бидејќи овие трговски трикови многу тешко можат да се забележат кога се купува во поголеми количини.
Од Организацијата на потрошувачи во Охрид велат дека во законот за заштита на потрошувачи стои дека потрошувачот пред да донесе одлука за купување на некој производ треба да биде правилно информиран за цената по која го купува. Од ОПМ ги советуваат потрошувачите што да направат доколку се најдат во ситуација една цена да е на рафт, а друга на каса.
Во ваков случај купувачите треба да ја платат цената која е на рафтот, а не онаа која е во компјутер. Доколку имаат проблем околу тоа треба да го пријават случајот во Пазарна инспекција, вели Вангел Спироски од ОПМ од Охрид.
Од Државниот пазарен инспекторат велат дека до нив стигнуваат пријави за вакви неправилности по што тие излегуваат на терен и го проверуваат извештајот на каса во посочениот маркет. Доколку се утврди дека нема усогласеност во цените тогаш се превземаат санкции и се изрекуваат глоби за прекршителите.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град