Излози разубавени во духот на новогодишните празници, ем прават убава глетка, ем ги привлекуваат купувачите по охридските дуќани.
Се одбројуваат деновите до најлудата ноќ во годината. Охрид традиционално е еден од најукрасените градови во државата. Светкави украси, лампиони, сијалички…навидум безначајни предмети кои го подигнуваат празничниот дух на најдобар можен начин.
Новогодишната еуфорија ги понела и охридските дуќанџии, па тие ги дотерале излозите на своите бутици во духот на она што претставува Нова година. Некои повеќе, некои помалку креативни, но со подеднаква желба да ја доловат празничната магија и да ги привлечат купувачите во своите дуќани.
„Јас мислам дека ако еден дуќан е украсен на секој човеќ ќе го привлече да влезе. Поубаво за око, и тоа е маркетинг, така треба.“
„Сигурно повеќе привлекуваат, убаво за Охрид, како туристички град.“
„Секако дека украсените излози ги привлекуваат луѓето да влезат, особено сега. Баш го коментиравме излогов дека црвената боја е новогодишна и баш е ОК, да видиш, да влезиш.“
„Секогаш треба да се украсени. Да бидат украсени, средени, да има баш празнична атмосфера, сега зависи кој како може.“
„Убаво украсените излози дефинитивно би ме привлекле и би влегла, само да разгледам, ако немам пари, нема да купам ништо.“-рекоа дел од анкетираните граѓани.
Финансиската криза се чувствува насекаде, со тоа се сложуваат охридските дуќанџии. Велат дека токму поради тоа годинава си комбинираат со украси од претходната година, но и дека ја вклучуваат својата креативност, па и сами изработуваат дел од украсите.
И локалната самоуправа во минатото правеше обиди да го стимулира украсувањето на градот, чаршијата, домовите. Доделуваа награди за најубаво украсен новогодишен двор, а во 2009та година дури имаше и најави дека ќе биде зголемен не само бројот на наградите, туку и дека ќе бидат избирани и најдобро украсени хотели, ресторани и излози од бутици.
За жал, не само што оваа иницијатива не се спроведе, туку и наредната 2010та година, беше последната година кога локалната бираше најубаво украсен новогодишен двор. Оттогаш, замре и оваа традиција.
Сепак, од локалната не ја исклучуваат можноста, доколку наредните години им биде предложена некоја креативна идеја, да ја прифатат и обноват оваа убава традиција.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град