Државниот студентски дом „Никола Карев“ започна со подготовки за новите станари

Студентскиот дом „Никола Карев“ континуирано ги подобрува условите за станарите кои престојуваат во него. Започнаа подготовките за новите студенти кои токму овој дом го избраа за место каде ќе бидат сместени за време на нивните студии во градов. Домот нуди многу поволности, а најголема предност му е одличната локација во центарот на градот.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Државниот студентски дом „Никола Карев“ започна со подготовки за новите станари. Бројката на легла за студенти од 1,2,3, 4, 5 и 6 год. e 231 легло, распоредени во 86 соби. Директорот на домот Марјан Ристески очекува исполнетоста оваа година да биде околу 90%. Тој додава дека во изминатиов период континуирано се работи на подобрување на условите за сместување и во целост се подготвени да ги пречекаат новите студенти. Набавени се нови перални и сушари, ставен е нов лифт и направени се повеќе зафати за уредување на домот.

Една од предностите на нашиот дом е добрата локација која е блиску до двата факултети во градов, што им заштедува на студентите дополнителни трошоци за превоз. Имаме добри услови за сместување, имаме современо апартманско сместување, секоја соба има сопствено купатило и тераса, пристап до интернет, потребен инвентар, вели директорот на домот „Никола Карев“, Марјан Ристески.

Рокот за електронското пријавување на студентите од 1 година почнува од 20-ти август и трае до 28-ми август 2016 година. Конечните резултати за студентите од прва година ќе бидат објавени на 9-ти септември. По објавување на конечните списоци со примени студенти по домови, доколку останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, електронското пријавување ќе продолжи сè до нивно пополнување, но најдоцна до 29-ти септември годинава. Најголем дел од станарите во домот се студенти на ФТУ и на Универзитетот за информатички науки „Св. Апостол Павле“. Тоа што нашиот град има еден ваков објект е големо олеснување за студентите, а дополнителна придобивка за факултетите.

Студентскиот дом „Никола Карев“ е придружна членка на универзитетот во Битола. Има доволен сместувачки капацитет да ги згрижи сите студенти кои сакаат да бидат сместени. ЛОкацијата е една од најдобрите во градот и е опремен со сите работи кои им се потребни на студентите, вели деканот на ФТУ, Цветко Андреески.

Студентите кои ќе бидат примени како станари на студентскиот дом, можат да се вселат од денот на потпишувањето на договор со домот, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список. Доколку студентот кој е примен согласно овој Конкурс, не потпише договор во предвидениот рок, тогаш истиот нема право повторно да конкурира за сместување во дом.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top