Учениците што ќе полагаат државна матура во јуни до крајот на декември имаа обврска да се пријават во училиштата кои, пак, до 20 јануари имаат рок да ги ажурираат податоците во електронската база на ДИЦ. Наумовска додаде дека на училиштата им дозволуваат тоа да го направат до крајот на месецов и тогаш ДИЦ ќе има точен број на кандидати за државна матура и кои предмети ги избрале за екстерните испити.

Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19, а на барањето на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит. Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15 300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита беше 3.61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48. (МИА)