Драстично намалување на пријавите во делот на безбедност и здравје при работа

Законот за безбедност и здравје при работа е изменет со пакет мерки кои се во насока на зајакнување на позицијата на синдикалците. Но овие измени не треба да останат само на хартија, туку со засилени обуки истите треба да се доближат до работниците и субјектите кои треба да ги спроведат, истакна првиот синдикалец на Македонија Живко Митрески.

 |  Николоска Биљана  | 

Суштинските измени во законот за безбедност и здравје при работа, донесуваат повеќе права за синдикалците. Во рамки на кампањата за безбедни услови при работа и за обезбедување на сигурни работни места, ССМ заедно со Македонското здружение за заштита при работа организираат проект кој е насочен кон подигнување на свеста во смисла на обезбедување на активности кои се поврзани со безбедност и здравје, во кои се вклучени и работодавачите и граѓанските организации. Целта на новите измени и дополнувања е да се зајакне позицијата на претседателите на синдикалните организации и останатите субјекти, односно да му се обезбеди на синдикатот да дава своевидно мислење во делот на изјавите за безбедност при работа, открива првиот синдикалец Живко Митрески.

„За да ја обезбедиме контролата, ние како синдикат, на работните места обезбедуваме можност синдикалецот најмалку 2 пати годишно да врши проверка на работните места и за прв пат даваме можност дури и да го запре процесот на производство и да повика соодветни други институции кои треба тоа да го проверат. Исто така поради воочените проблеми околу составувањето на записниците при правењето на проверките на инспекторите на труд, сега задолжително потребно е присуство на самиот синдикат при составувањето на записникот…. обезбедивме задолжителна обврска на работодавачот во рок од 48 часа да го информира синдикатот за секаков вид на настанување на повреди“.

Митрески вели дека последниве 7 месеци според податоците кои ги имале од терен драстично била подобрена сликата во делот на безбедност и здравје при работа, во споредба со порано кога имале по 600 пријави годишно. Само изминатата година имало 243, додека пак оваа година, до овој месец, според првичните сознанија имало драстично намалување на пријавите.
Македонското здружение за заштита при работа и ССМ во рамки на проектот „Зајакнување на партнерствата на граѓанското општество и државните институции во креирање и унапредување на правото за безбедна и здрава работна средина – Основно човеково право“, денес во Охрид го одржаа деветтиот работен состанок. Како што нагласи проект менаџерот Весна Ристоска, преку овие состаноци треба да се поттикне соработката и партнерството помеѓу граѓанското општество и државните институции во промоција на безбедни и здрави работни места.

„Главна цел на состанокот е да се зголеми соработката помеѓу сите чинители, соработката помеѓу работодавачите и работниците која е на многу ниско ниво во нашата земја, да се зајакне улогата на претствникот на вработените за безбедност и здравје при работа и да се подигне јавната свест да се воочат проблемите на локално ниво“ 

Ристоска смета дека сеуште е рано да се зборува за резултати од новите законски измени. Таа кажа дека поради тоа се организираат ваквите состаноци со цел да се види состојбата на терен. Ристоска најави дека после овие средби, следува изработка на студија која ќе биде спроведена на ниво на Р. Македонија, од каде што ќе може да се види дали и како функционира дијалогот помеѓу вработените и како се применуваат новите законски измени.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top