Ќе се дозволи ли згаснување на охридскиот атлетски маратон?

Неизвесно опстојувањето на охридскиот атлетски маратон. После триесетгодишно постоење, оваа спортска манифестација може да згасне. Организаторите бараат помош од Локалната самоуправа во Охрид.

 |  Јаковлева Лионела  | 

 

Охридскиот атлетски маратон може да згасне. Маратонот кој е еден од најстарите во бившите ЈУ простори и кој оваа година слави 30 годишен јубилеј, веќе неколку години по ред опстојува “на мускули“. Финансиските средства се се помалку и трката практично се одржува со парите кои секоја година ги донира петкратниот победник на првите пет маратони, Живко Стојчески од Австралија. Организаторите на овој маратон очекуваат Локалната самоуправа од Охрид да го потпомогне овој спортски настан, кој веќе е бренд на Охрид.

Ние доставивме барање до општината и доколку не ни помогне, до година не ќе можеме да го одржиме маратонот. Ова е навистина добар настан за градот и мислам дека треба локалната да не поддржи бидејќи на ваков начин не само што го афирмираме Охрид, туку ја продолжуваме и туристичката сезона, вели Пецо Неданов, Претседател на охридскиот атлетски маратон.

Неданов објаснува дека за да се одржи атлетскиот маратон кој се трча на патеката од Св.Наум до Охрид, потребни се барем 10.000 евра. Општината досега издвојувала средства за овој спортски настан, но тие биле минимални и ако не биле спонзорите и помагателите тој одамна ќе згаснел.

Секоја година пишуваме во сите билтени и плакати дека Општина Охрид е главен покровител на маратонот, а општината учествува со минимални средства. Крајно време е работите да се сменат и општината да се погрижи за тоа што е значајно за овој град, вели Неданов.

Инаку, на атлетскиот маратон годиниве наназад учествувале атлетичари од Европа, а минатата година имаше учесници од Кенија, кои и победија. Досега се пријавени 20 учесници од Србија, Косово и Македонија. Крајниот рок за пријавување е први септември. Маратонот традиционално ќе се одржи на осми септември, а како почесен гостин е најавен Претседателот на Атлетската Асоцијација, Лорд Себастијан.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top