Домне Симончева, припаѓа на генерацијата волонтери на општинската организација на Црвен крст од самото нејзино формирање во март 1945 година.
Оваа витална 85-годишна сограѓанка, во своето сеќавање се навраќа со видливи симпатии за периодот кога станала дел од оваа хуманитарна организација. Веднаш по завршувањето на 2 -та светска војна, населението осиромашено и истоштено добивало меѓународна помош. Добиените пакети со облека и храна се распоредуваа за граѓаните по месни реони, а постоеше Комисија која строго контролираше што се дели и на кого.
Црвениот крст водеше голема сметка помошта да не се злоупотреби, се сеќава Симончева.
Во повоениот период црвениот крст се грижел и за подобрување на здравјето на луѓето. Биле формирани три пункта во Мешеишта,Белчишта и Сливово каде што докторите даваа упатства за хигиена, за заштита од заразни болести и како да се хранат малите бебиња, кажува Симончева.
Седиштето на црвениот крст во самиот почеток било во зградата на Радио Охрид, а магацинот каде што се чувала добиената хуманитарна помош, пак, во близина на Чинарот.
Според нејзиното сеќавање, секретар на црвениот крст бил Наумче Трајаноски, а претседател Невенка Ќосева. Симончева споменува и дел од имињата на активистите, како Далчева Павлина, Назми од Воска, Рефик Мусли и многу други. За својот ангажман во црвениот крст е носител на голем број општествени признанија, и гордо додава: “со големо задоволство учествував во работата на Црвениот крст и не пропуштив нити еден состанок”.
Во месец март годинава, Општинската организација на црвениот крст одбележува голем јубилеј, 65 години од постоењето. Охридската хуманитарна организација била една од првите во земјава, формирана веднаш по завршувањето на војната, а која работела според принципите на хуманитарната меѓународна организација, нагласува актуелниот претседател Сашо Точков.
Тоj потенцира дека годинава ќе се одаде почит на сите посветени активисти кои со своите вредности и идеали секојдневно помагале да го олеснат животот на ранливата категорија граѓани.
{loadposition content}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град