Добивањето сместување во државните студентски домови доведено во прашање

Дали за добивање соба во државните студентски домови покрај потребната документации треба да се исполнат и посебни услови како што е партиската припадност како што тврдат некои студенти. Од охридскиот студентски дом „Никола Карев“ тврдат дека нема речиси никаква можност за злоупотреба на конкурсите распишани од страна на Министерството за образование. Објаснуваат дека скоро во сите државни домови во Македонија има сеуште слободни места па нема потреба да се прават никакви притисоци за да се добие соба.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Добивањето сместување во државните студентски домови доведено во прашање. Некои студенти тврдат дека за да добиеш соба во дом покрај потребната документација наведена во конкурсот треба да имаш и добри врски и соодветна партиска припадност. Од охридскиот студентски дом „Никола Карев“ тврдат дека кај нив немало ниту ќе има вакви случаи. Додаваат дека постапката за аплицирање за сместување во државните студентски домови е крајно транспарентна што нема речиси никакви можности за било каква злоупотреба. Право на пријава во државните студентски домови имаат редовни студенти кои се државјани на РМ и кои се школуваат надвор од местото на нивното живеење и се запишани на додипломски студии. Право на сместување имаат и редовни студенти кои се избрани со одлуки или решенија на конкурси со договори и во таа категорија влегуваат владини стипендисти со македонско потекло, странски студенти, студенти кои се согласно програмата ЦЕПТУС и студенти кои се примени по разни други билатерални договори. Министерството за образование и наука распишува конкурс кој е објавен во сите гласила, а од пред три години има и електронско аплицирање за сместување во државните студентски домови.

Моментално тече вториот конкурс за дополнување на студенти во студентски домови онаму каде што останале слободни места. Сеуште не е пополнет бројот на слободни легла во државните студентски домови во РМ па не гледам причина зошто би имало потреба некој да злоупотребува или да се има посебни ургенции за добивање соба. Имаме доволно легла во државата за сите студенти кои пројавиле интерес да се сместат во нив. Со новиот начин на електронско аплицирање нема никаква можност за злоупотреба во тој дел, вели Марјан Ристески- директорот на студентскиот дом Никола Карев.  

По завршувањето на електронската апликација секој студент е должен да достави документација врз основа на апликацијата. Целата пропратна документација се прима комисиски и се доставува до Министерството за образование. Таму со акт на министерот е формирана комисија која ги разгледува  документите. По разгледувањето и споредувањето со апликацијата се изготвува ранг листа на примени студенти.

Секој студент кој што нема да се најде на таа ранг листа има право  во рок од пет дена од објавувањето на резултатите да поднесе приговор до Комисијата. Дали е тоа техничка грешка, дали фали некој документ секој студент има право да си направи увид во целокупната документација која ја доставил. Затоа кажувам дека сите можности за злоупотреба се сведени на минимум, вели Ристески.

Пред  студентите да се сместат во домот треба да достават уверение за редовен студент, извод од матична книга на родени, две слики за домска легитимација и со тоа се врши уште една контрола дали станарите во домот ги запазиле сите правила за сместување. Во домот „Никола Карев“ има уште 64 слободни места. Моментално течи и вториот конкурс и од менаџерскиот тим на домот сметаат дека и оваа година 90% од нивните капацитети ќе бидат исполнети.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top