До средината на месец декември Охрид ќе добие јавни тоалети. Деновиве економскиот оператор, односно фирмата која беше избрана на тендер како изведувач врши увид на локаците кај Амамот наспроти Поштата и кај Горна Порта наспрот паркингот. Средствата во висина од 2 милиони денари се обезбедени од Центарот за развој на Југозападниот плански регион кои се носители на проектот, а во проектот вклучена е и Локалната самоуправа на општина Охрид со свои активности.
Охрид конечно ќе добие јавни тоалети. На двете предвидени локации, едната во централното градско подрачје позади Амамот, другата кај Горна Порта, избраниот изведувач, фирмата „Тане 2007“, заедно со претставници од Центарот за развој на Југозападниот плански регион , деновиве извршиле увид на сите потребни инфраструктурни услови и придружни активности кои треба да се преземат. Мирјана Лозаноска, дирекоторот на Центарот вели дека во проектот за подобрување на туристичките услуги со поставување на јавни тоалети, свој удел има и Локалната самоуправа на Охрид.
„И општините имаат свое сопствено учество преку обезбедување на приклучоци за струја, поставување на броила, приклучок за вода и канализација во овие контејнери. Тоа е нивно учество, тие веќе почнаа да работат го подготвуваат теренот и приклучоците, така што во моментот кога ќе дојде операторот да ги поставува овие работи ќе бидат завршени“
Јавниот тоалет кај Трговскиот Центар Амам ќе има три тоалети, за мажи, жени и лица со посебни потреби, додека оној кај Горна порта ќе биде со два тоалети, за мажи и жени кој ќе биде прилагоден и за лица со посебни потреби. За одржување на тоалетите според првичните најави најверојатно ќе се грижи Јавното Комунално претпријатие, кои ќе ангажираат свои луѓе за оддржување на хигиената.
„Средствата се обезбедени преку националниот буџет преку програмите за рамномерен регионален развој на Министерството за Локална самоуправа и бирото за регионален развој и се во износ од 2 милиони денари, вкупната вредност на сите четири контејнери.
Сите активности околу обезбедувањето на услови, изработка, опремување и монтажа на санитарни контејнери треба да биде завршено до средината на декември годинава. Такви тоалети освен во Охрид, ќе бидат монтирани и во Вевчани и Центар Жупа.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град