„Џган“ е новиот македонски дебитански игран филм на Вардан Тозија, кој охриѓани имаа можност да го погледнат вчера во ЦК „Григор Прличев“. Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски.
Новиот македонски филм Џган веќе започна да се емитува во кината во земјава. Синоќа можност да го гледаат имаа и охриѓани. Снимен за само 25 дена со едно брзо темпо во Скопје, а само една сцена во затворот во Битола, досега добва само позитивни критики. Дел од нив говорат дека ова издание е едно од најдобрите во земјава последниве 10 години. Мартин Ѓоргоски е главниот лик во филмот Џган. Се работи за ново име на кој му претстои голема популарност, како што кажаа искусните филмски критичари. А како Ѓоргоски во силна конкуренција сосема неочекувано ја добил главната улога, раскажува самиот тој.
„Во мојот случај бев на поминување пред да одам со другарите надвор решив само да си ја пробам среќата бидејќи не очекував дека има побарување за некој лик како мене. Јас верував дека ќе бараат некои големи деца и не верував дека јас ќе бидам избран“ – вели Ѓоргоски.
Еден од главните актери кој го толкува ликот на Петар, наречен „чавка“ е Дениз Абдула. Тој накратко кажа за што се говори во филмот.
„Се говори за група деца без родители или домци како што ги нарекуваат во филмот кој што маргинализирани, потиснати од се тоа што се случува во општеството пробуваат да го извлечат најдоброто за себе“ – изјави Абдула.
„Кастингот и сетингот веднаш ми покажаа во кој филм сум“, изјави Горан Стојаноски актуелниот директор на ЦК „Григор Прличев“, кој толкува улога во филмот „Џган“. Стојаноски скромен во својата изјава вели дека досега глумел во 5 филмови, но никогаш не трчал по улога само за да биде во филм, туку дека бил воден по неговата основна намера, да се биде исполнет.
„Уште во старт, ми беше прво предизвик заради единственото чуство кое што ми се роди во филмот, но и со перфектната комуникација со режисерот кој навистина го долови сето она што многу брзо и ретко се случува да се долови целата атмосфера на филмот само со еден сетинг гест“ – нагласи Стојаноски.
„Џган“ е прв долгометражен игран филм во кариерата на Вардан Тозија, мајсторот на филм кој успеа да ги докаже неговите квалитети, како што велат добрите познавачи на филмската уметност. Режисерот вели „Џган“ по малку отскокнува и е показател за тежнението секогаш да се проба во нешто ново, да не остане во еден жанр и да не работи само еден тип на наративни филмови. Дополнува дека идејата му дошла од нашето сиво секојдневие. Поведен од сознанието дека маргинализираните млади луѓе се горлива тема не само во Македонија туку и во земјите од регионот, преку истражување и чепкање по таа „скриена вистина на тие млади луѓе“ дошол до некои застрашувачки податоци , пред се од институциите од кај што доаѓаат, но и вон тоа. Тозија вели не е лесно да се сними филм со ваква содржина за кратко време.
„Пред се морам да кажам дека овој филм не е снимен само со финансиските средства кој што генерално најголем дел се сепак од државата тој е главниот финансиер и ние од него зависиме. Повеќе од тешко е според мене меѓутоа во овој филм целата екипа сите луѓе што се вклучија некако ги понесе една енергија за да го апстрахираат финансискиот аспект и филмот да се претвори во една авантура која што беше комбинација од пријателство, професионализам и една фанатична посаветеност за да се дојде до резултат, така да ова буквално е дело на целата филмска екипа…јас ги водев но …“- вели Тозија.
Да бидеш продуцент во Македонија е комплицирана варијанта вели Огнен Антов. Но, факт е дека младата македонска кинематографија оди во позитивна насока, додава тој.
„Некако случајно излезе сценариото на Џган ми падна во раце ми се допадна како проект и решив ко продукциите да ги ставам на страна бидејќи најдов добар македонски продукт за кој што верував дека ќе излезе тоа што е“.
Филмот кој финансиски е поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија и SEE Cinema network, започна да се прикажува во кината во земјава, а неговиот продуцент сака „Џган“ светската премиера да ја има на Интернационалниот филмскиот фестивал во Карлови Вари.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град