Тој се пофали со намалување на долговите на претпријатието, намалување на цените на гробните места и гробарината, целосна исплата на заостанати плати кон вработените.
Директорот на јавното претпријатие „Градски гробишта“, Зоран Симоноски, даде отчет за сработеното во изминатата година. Тој уште еднаш ја потенцираше тешката финансиска состојба во која го затекнал ова јавно претпријатие, како и финансиските неправилности кои според Симоноски довеле до таквата ситуација во претпријатието.
„Заради намалување на негативните ефекти од ваквото работење бевме принудени да воведиме сериозни реформи, како од аспект на кадровски и структурни прераспределби, така и од аспект на начинот на кој се извршувале работните активности. Изработени се правилници за работа, правилници за ред и дисциплина, процедури за поединечни работни места кои до тој момент не биле воведени воопшто. “-рече директорот на ЈП „Градски гробишта“, Зоран Симоноски.
Симоноски вели дека биле направени сериозни зафати во насока на сервисирање на долговите на претпријатието, отплата на заостанати плати, даноци и камати.
Тој посебен акцент стави на отворањето на наплатно-информативниот центар бидејќи според него, наплатата на гробарината е основен приход на претпријатието.
„Прво пристапивме на формирање на наплатно информативниот центар сместен во градскиот пазар. Бидејќи процентот за наплата беше многу мал. Еден од основните приходи на јавното претпријатие е наплатата за гробарина и можам да се пофалам дека во овој период процентот го зголемивме за некаде околу 17 проценти што не значи дека не може повеќе и дека нема да работиме на таа проблематика.“-вели тој.
Симоноски додава дека со цел да излезат во пресрет на граѓаните, ја намалиле цената за 50 до 200 евра во зависност од местоположбата на гробното место. За подобрување пак на услугите кои ги нудат на граѓаните, организирале и огласи за тезги за цвеќе и тезги за свеќи од што Симоноски вели дека ќе остварат дополнителни приходи. За оваа година, тој вели дека ќе се обидат да ја вратат и втората половина од долгот на претпријатието, како една од нивните основни заложби.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град