Денес секоја жена заслужува внимание

Жената е столб на еден дом, борец, врз својот грб ги товари сите тешкотии што ги носи времето, а сепак да останува исправена, горда, самоуверена и убава. Да не е жената не би постоел ни овој свет. Денес се одбележува празникот на жената 8 ми март. За некои ден на внимание, љубов и почит, за други само обична среда, трети пак се одлучуваат само за најскромниот и најубавиот подарок цвеќето.

 |  Николоска Биљана  | 

Денешниот ден 8 ми март е добар повод мажите на понежниот пол да подарат цвеќе, децата да направат креативни честитки за мајките, да се посетат, бабите, вујните, стрините, тетките, со еден збор ден кога секоја жена заслужува внимание. Меѓународниот ден на жената се празнува на 8ми март. Тоа е и ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Но кај нас по повод овој ден традиционално се купува подарок за жената.

Првата дама на охридскиот градски Совет д-р Гордана Коњаноска, смета дека ако се погледа временски постигнат е голем напредок на жената. Но сепак според неа фактите зборуваат дека потполна рамноправност кон која треба да се стреми секоја жена сеуште не е постигната. Како се справува со нејзините обврски како жена, мајка, доктор, политички ангажирана Коњаноска со став.

„Јас се справувам на начин на кој што тоа го прават повеќето жени кои што имаат професионален ангажман и кој што покрај него имаат и други обврски. Се разбира дека во минатите 4 години значителна енергија, време и ангажман бараше и вршењето на функцијата претседател на Советот на општина Охрид, значи пред се можноста да се справам со сите обврски кои што ги имам секојдневно е резултат на фактот дека наоѓам огромна поддршка од семејството, сопругот, децата, огромно разбирање од колегите“

Д-р Коњаноска оваа прилика ја искористи да го честита празникот на сите жени. Таа потсети дека годинашната тема на ОН под наслов „Предизвиците во менуваачкиот свет на трудот односно планета 50- 50 до 2030“ е мошне значајна во понатамошната борба за рамноправност на жените, бидејќи стратешката цел на ОН била до 2030 година да се постигне идеалната родова рамноправност.
Катерина Василевска пак од невладиниот сектор, свој став даде во врска со можностите на жените за економска независност. Таа истакна дека „Жените имаат многу повеќе можности да формираат бизнис. Но останува дискутабилно прашањето колку жените се спремни да го искористат тоа во една клима која е неповолна за водење бизнис поради сите турбуленции во кои се наоѓаме. Од друга страна во кризата во која се наоѓаме жените прифаќаат и по две работи најчесто тешки и ниско платени или на процент како агенти за продажба за да заработат за фамилијата и децата.
Инаку, официјално, 8-ми март е прогласен за Меѓународен ден на жената од страна на Обединетите нации во 1975та година кога се одбележуваат достигнувањата и придонесите на жените во сите полиња во општеството. Иницијативата на германката Клара Цеткин беше прифатена на Втората меѓународна конференција на жените социјалисти во Копенхаген во 1910 година кога беше решено 8-ми март да се слави како Меѓународен ден на жената во спомен на демонстрациите на американските жени во 1903 година, одржани под паролата „Борба за општо право на глас“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top