Денес се одбележува денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

24-ти мај, се прославува како Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, браќа родени во Солун во IX век, кои станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија.

 |   | 

24-ти мај, се прославува како Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, браќа родени во Солун во IX век, кои станале мисионери на христијанството помеѓу Словените од Голема Моравија и Панонија.

Преку нивната работа тие влијаеле врз културниот развој на сите Словени, поради што ја добиле титулата Апостоли на Словените. Тие се заслужни за изумување на глаголицата, првата азбука искористена да се препише старословенскиот јазик.

По нивната смрт, нивните ученици ја продолжуваат нивната работа и дејност помеѓу Словените. Двајцата браќа се почитувани во Источната православна црква како светци со титулата Еднакви со Апостолите. Во 1880, Папата Лав XIII ја вовел нивната слава во календарот на Римокатоличката црква. Во 1980, Јован Павле Втори ги прогласил за созаштитници на Европа, заедно со Бенедикт Нурсијски.

Св. Кирил и Св. Методиј Солунски се родени браќа од Солун, во угледно и богато византиско семејство, од татко Лав и мајка Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер помина десет години меѓу македонските Словени. Потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружи и Кирил (Константин Филозоф). Кирил и Методиј, познати како солунските браќа просветители, имаат голема улога во словенската историја. Нивното дело ги описмени словенските народи.

Во почетокот на IX век била веќе подготвена солидна основа за поширока и поорганизирана мисионерска активност во Западна Бугарија. Во тоа време Византиската Империја доживува нов расцут на културен план, па овој бран ги заплиснува и градовите што биле оддалечени од Цариград, посебно Солун. Во првите децении на IX век во Солун живее и семејството на висок службеник на царската власт, помошник на византискиот стратег на Солун и солунската област. Тоа бил Лав со својата сопруга Марија. Нивната народност е нејасна. Семејството имало повеќе деца, но се спомнуваат само имињата на најстариот – Методиј и најмалиот Константин. Дури не се спомнува и световното име на Методиј, кој ова го добил при замонашувањето.

На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија и таму ја распространија и ја утврдија православната вера, па ги умножија книгите и им ги дадоа на свештениците за да ја подучуваат младината. А подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде што Кирил се разболе и умре, на 14-ти февруари 869 година. Тогаш Методиј се врати во Моравија и до смртта се потруди на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт, а тој се упокои во Господа на 6-ти април 885 година – неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент Охридски како епископ, го преминаа Дунав на „сплав од три липови дрвја“ и пристигнаа во Белград, тогаш во Бугарија. Началникот на Белград, ги испрати при царот Борис I. Свети Наум остана во главниот град на Бугарија и ги постави основите на Преславската книжевна школа, а Климент е испратен во областа Кутмичевица, на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжи да работи меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.

И оваа година древниот Охрид, лулката на словенската писменост, достојно ќе ги чествува нашите духовни татковци, сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

Во градскиот парк, пред споменикот на Св. Кирил и Методиј во 16:30 часот ќе биде положено свежо цвеќе , по што од 17:00 часот е закажана културна програма во црквата „Св. Софија“.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top