Православните верници денес го празнуваат полагањето Исусово во гробот или Велики Петок. Денес е денот кога се изнесува плаштеницата во која се повива спасителот и се поставува во средината на епитаф кој го означува гробот Христов.
Денес е Велики Петок, најтажниот и најтешкиот ден во христијанството. Денот на полагањето Исусово во гробот. Според отец Димче Азески пак овој празник е доказ за огромната љубов што Господ ја имал кон неговите чеда затоа што доброволно го примил страдањето, бил распнат на крстот и умрел, а потоа бил положен во гробот за да ги ослободи верниците од ропството на гревот и смртта преку неговото спасително воскресение.
„Она што е забележително за овој ден е што за време на светата богослужба најпрво се извршува симнување на нашиот спасител Господ Исус Христос од крстот, се полага во пелени односно се повива во плаштаница, а потоа на крајот на вечерната богослужба се извршува чинот на изнесување на плаштеницата која што се поставува на средината од храмот на веќе подготвен однапред епитаф, кој што всушност го означува гробот Христов.“-вели отец Димче Азески.
Токму за оваа плаштеница во која се повива спасителот е врзан и обичајот верниците да се протнуваат под светата плаштеница, а за кој чин, според отец Димче мора да постои и голема вера и ветување кон Господа дека преку постот, покајанието и исповедта и верниците умираат за гревот и го молат спасителот и тие да воскреснат. Отец Димче вели дека тежината на овој празник произлегува од тежината на љубовта која Господ ја има кон верниците и на неа треба да се возврати повторно со љубов.
„Ќе одговориме со љубов ако искрено се трудиме сите оние заповеди што Господ ни ги дарува, во живот да ги преточиме и на тој начин со добродетите се украсуваме да се покажеме како негови вистински чеда и по живот и по дела. Големината на празникот не се искажува со тоа што нема да извршуваме некои одредени работи во домот, како што е подготовка за Велигден, чистење на домот, ако треба нешто да се испере. Со самото тоа не ја искажуваме големината на празникот. Ние треба да дојдеме на светата богослужба, да присуствуваме и утрото на изнесувањето на плаштеницата, и вечерта кога се пее опелото погребението христово, а измеѓу нормално дека сите оние активности кои што следат за да можеме да се подготвиме за Велигден, не е страшно ако ги извршиме.“-рече отец Димче.
Тој додава дека светата плаштеница е тајна пред која треба да застанат сите верници, но и да бидат активни чинители на она што се случувало, а не само неми сведоци. Тој ги повика верниците масовно да дојдат во храмовите и да ги слушаат светите богослужби бидејќи тие се случуваат заради нивното спасение.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град