Охрид има што да понуди и секогаш е интересна дестинација за туристите. Концесионерите на охридските плажи оваа сезона очекуваат добра посетеност и многу сончеви денови, затоа уште од сега ги запрегнаа ракавите и ги подготвија плажите за престојната туристичка сезона.
Дел од охридските плажи се подготвени за туристичката сезона. Плажата Акапулко, традиционално меѓу првите се отвора за туристите и викендов може да ги прими првите гости, најави концесионерот Љупчо Нечкоски. Според него без разлика на посетеноста, на бројот на гости, на временските услови, плажата се подготвува во текот на месец мај за да може на почетокот на јуни да отпочне со работа.
„Плажите се оштетени од самата вода и природа и потребна е голема физичка работа, посебно плажите кои се како нашата во комбинација со зеленило…сето тоа треба да се одржува максимално, треба да се изнивелира плажата. Ако е случај како што е годинава со поголема количина на вода, брановите прават пролем, само што ќе ја уредите плажата ја нарушуваат, но бидејќи имаме искуство, успеваме на време се да постигнеме како што треба“ – вели Нечкоски.
Ова време состојбата со плажите будно ја следат и еколозите. Ѓоко Зороски од ЕД „Грашница“ смета дека најголемиот проблем во уредување на плажите е бетонирањето.
„Бетонот како материјал е недозволив за употреба и доколку мора да се употреби треба да се донесат готови елементи наместо израбготка и бетонирање на самата плажа, бидејќи со бетонирањето се менува и морфолошкиот изглед на крајбрежјето што е недозволиво и што е забрането согласно Законот за води и Законот за природа на РМ Голем проблем претставува и заградувањето на плажите, односно пристапот до крајбрежјето треба да е слободен, според законот за води но се случува некои луѓе самоволно да ги заградуваат и да оневозможат пристап на другите луѓе“.
Зороски укажа дека голем проблем е сечењето и уништувањето на трската што согласно законот за природа е забрането и доколку се вршат поголеми интервенции врз појасот на трската, треба да се добијат соодветни мислења од органите на државната управа кои што се надлежни за областа на животната средина. Забрането било секакво прокопување на дното и вадење камења и песок од крајбрежјето на плажите бидејќи со тоа се уништувале бентосните заедници кои што живеат тука и фитопланктонот кој што се размножувал во овој период, како важен елемент од синџирот на исхрана, додаде Зороски.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град