Ако некогаш беше престиж да се поседува дуќан во строгата чаршија, сега е престиж дури и да се изнајми.
Купи ден-помини. Така за жал функционира последниве години нашата сакана охридска чаршија.
Се помалку се луѓето кои поседуваат дуќани во чаршијата, а се повеќе оние кои земаат дуќани под наем. Но и тоа не е најстрашното. Најстрашно е што за разлика од минатото кога чаршијата беше место на кое бизнисите цветаа, сега се повеќе од дуќаните се затвораат. Многумина ја обвинуваат светската економска криза и беспарицата за затворањето на бизнисите, но голем дел од дуќанџиите се жалат и на превисоки кирии. Можеби тука лежи и причината зошто добар дел од дуќаните кои се на добри локации во чаршијата, со месеци, а можеби и години стојат празни.
Нашето мало истражување донесе некои интересни бројки, а тие го велат следново: Во зависност од квадратурата на дуќанот, трговскиот центар Амам е веројатно местото на кое би плаќале најноска кирија, и тоа некаде во просек од 150 до 300 евра месечно, секако ако дуќанот се наоѓа во внатрешноста на Амамот, а не веднаш на самата чаршија. Доколу сакате пак да отворите бизнис во самата чаршија, е тогаш кириите се малку посолени. Не ретко се случува сопствениците да си ја бараат киријата за една година однапред. Почнувајќи некаде од 600 или 700 евра месечно на самиот почеток на чаршијата, па се до 1000, 1500 па дури и 2000 евра месечна кирија во самото срце на чаршијата. Или во превод, ако ви бараат за година однапред, ќе треба да искеширате од 7200 па се до 24.000 евра.
Па вие ако сте во можност, терајте си бизнис. Изминативе неколку години сме сведоци дека дури и неколкуте банки кои функционираа во охридската чаршија, својата дејност ја преместија подалеку од чаршијата, можеби подалеку, но во многу поголеми дуќани, а можеби и за истиот надоместок за месечна ќирија кој го плаќаа за дуќан во чаршија. Точно е дека некои бизниси со години успешно работат во чаршијата, иако плаќаат кирија, но за жал многу повеќе се оние кои одвај преживуваат од месец до месец, во кој киријата им е најголемиот трошок од работењето. Голем дел од нив, работат само да ја покријат киријата, а некогаш и во тоа не успеваат.
Оттука станува јасно зошто малите семејни бизниси, бутици, бижутерии, слаткари, парфимерии тешко успеваат. Ако некому и целиот бизнис му тежи колку месечната кирија, тогаш каде е поентата во тоа да се има бизнис во чаршијата. Таму се чини најдобро се снаоѓаат оние кои имаат сопствени локали и истите ги издаваат.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град