Дали Охридско-струшкиот регион е подложен на феноменот водена бомба

Дали Охридско-струшкиот регион е подложен на феноменот водена бомба. Дали оваа област е плавно подрачје и дали може да биде зафатена од невреме со такви размери како што тоа беше пред еден месец во скопскиот регион допрва треба да се истражува. Професор од САД кој се занимава со оваа проблематика вели дека природните непогоди не можат да се спречат, но можат да се претпостават.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охридско-струшкиот регион според својата географска поставеност не е подложен на појава на феноменот водена бомба. Но за да има поточни податоци околу тоа, треба да се направат детални истражувања во кои ќе бидат опфатени сите фактори кои придонесуваат за да дојде до овој природен феномен кој се случи пред еден месец во околината на Скопје, кога настанаа големите поплави кои завршија со жртви. Стив Мек Нолти, професор од САД и претставник на Американските шумски служби кој веќе триесет години се занимава со научно истражувачка работа во оваа област, вели дека природните непогоди не можат да се спречат, но можат да се предвидат.

Мора да се проучи каде се наоѓаат плавните подрачја во регионот, а тоа може да се дознае. Исто така треба точно да се знае каде има многу сеча на дрва бидејќи таму каде што е местото оголено многу поголема е можноста од појава на поплави, вели МекНолти.

За да се случи феноменот водена бомба важни се неколку фактори. Најпрво за да дојде до оваа појава треба да се судри топла воздушна маса со влажна воздушна маса, во одредено време и на одредено место. Еден начин на превенција е кога ќе воочиме дека има некаква можност да се случи ваква непогода да ги предупредиме луѓето за тоа. Сето тоа се случува многу брзо и кога веќе ќе заопочне невремето нема можност за нешто да се направи, затоа треба претходно да се преземат мерки за да се намалат последиците од едно вакво невреме. Во САД кога има можност од торнадо имаат развиено систем преку кој се предупредуваат граѓаните со СМС пораки дека ќе има невреме како би можеле навреме да се заштитат. Скопје е ризично подрачје бидејќи е докажано дека е плавно земјиште, па затоа при поголеми врнежи треба сите да бидат на штрек, вели МекНолти.

Друга причина за ваква појава е соголеното земјиште на планините кое може да предизвика ерозија, но тоа не е случај во Скопје. Сепак треба да се грижиме и да не се сечат дрвата неконтролирано бидејќи тие се оние кои ја задржуваат водата како не би дошло до поплави во пониските места, рече МекНолти.

Mожностите за да се случуваат вакви природни феномени сега се поголеми од порано поради климатските промени во светот, вели МекНолти.

Затоа Регионалниот центар за животна средина за Централна и Источна Европа  со поддршка на Секторот за туризам и локален економски развој, одржа еднодневна работилница посветена на механизмите за справување со поплави во речните и езерските сливови. На работилницата учествуваа претставници од секторите за животна средина, локален економски развој и комунални дејности од општините Охрид, Вевчани, Струга, Дебрца и Дебар, од регионалните центри за управување со кризи и граѓански здруженија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top