Дали Колекторот ќе прерасне во Јавно претпријатие на државно ниво?

Дали Работната Единица Колектор ќе прерасне во Јавно претпријатие на државно ниво, ќе се знае после делбениот биланс на МЈП „Проаква“, кој е во тек.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Поделбата на „Проаква“ што стопанисува со водоводот и колекторскиот систем на Охридско Езеро, односно раздвојување на охридското и струшкото јавно претпријатие, не е новина . Иницијатива за спроведување на една ваква постапка се провлекува речиси една деценија. Но како во моментов стојат работите околу таа поделба успеавме да добиеме информации од општинскиот гласноговорник Томе Џамтоски. Тој кажа дека во тек е делбениот биланс на претпријатието кое го спроведува комисија специјално формирана за тоа.

„Се надеваме дека од цела оваа состојба по завршување на овој делбен биланс таа информација ќе треба да биде усвоена од Управниот Одбор, целта е да се добијат две јавни претпријатија“ – вели Џамтоски.

Делбениот биланс треба да покаже колку должи јавното претпријатие во Охрид, а колку во Струга и врз основа на тоа кој делбен биланс ќе биде прифатлив и за двете страни, би требало да се формираат новите јавни претпријатија, информира Џамтоски. Тој открива дека може да се очекува Р.Е Колектор да стане ЈП на државно ниво.

„Во тек е таа делбена постапка се надеваме дека успешнио ќе заврши и дека и двата општински совети ќе ја изгласаат… но да оставиме комисијата да си ја заврши својата работа и претпоставувам дека и државата ќе најде свој интерес она што е најзначајно, заштитата на Охридското Езеро да премине во државни раце“  – изјави Џамтоски.

Како што е познато во „Проаква“ од 1999 година преку донации од германската влада и кредити од КФВ банка од Франкфурт инвестирани се над 20 милиони евра за водоснабдување на Охрид и Струга и за еколошка заштита на Охридско Езеро. Поради тоа, беше и формирано заедничкото јавно претпријатие помеѓу Охрид и Струга како единствен пример во Македонија. Своевремено имаше размислувања од страна на стручни лица по оваа проблематика дека доколку еден ден дојде до раздружување на претпријатието тоа ќе има сериозни последици, бидејќи со тоа ќе се испрати лоша порака до донаторите. Последиците од тоа МЈП Проаква години наназад веќе ги чуствува.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top