Различен аршин за исто или слично кривично дело во основните судови во државава. Во Охрид, поголема е веројатноста да добиете условна или ослободителна пресуда за предизвикана тешка сообраќајна несреќа, а во Битола, Кавадарци и Штип ќе добиете затворска казна. Така зборуваат податоците од истражувањето спроведено од страна на коалицијата „Сите за правично судење“, направени врз јавно достапни пресуди. Натали Петровска, извршен директор на оваа коалиција, потенцира дека најважно е како обвинителството го креира обвинението, односно, за каков вид на кривично дело станува збор.
Првичната пресуда од Основниот суд Охрид, со која обвинетиот за сообраќајката која се случи минатата година кај хотелот Инекс е осуден на условна казна од 4 години и 3000 евра парична казна, на површина ја извади неуедначената судска пракса во државава, по однос на казнувањето за кривично дело за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Според податоците од истражувањето спроведено од страна на коалицијата „Сите за правично судење“, направено врз стотина јавно достапни пресуди, во 50% изречени се затворски казни, додека другите 50% се условни или ослободителни пресуди. Основните судови во Охрид и Гостивар се под овој просек на национално ниво во поглед на казнената политика, вели Натали Петровска, извршен директор на коалиција „Сите за правично судење“.
Тука секако би го спомнала Основниот суд во Охрид и Основниот суд во Гостивар. Имено, од охридскиот суд се достапни седум пресуди кои се однесуваат за овој член, значи зборуваме за јавно достапни пресуди, не зборуваме за сите кои што се вкупно донесени од страна на судот. Само во една од овие седум е изречена затворска казна, останатите три се со условни казни, а три се со ослободителни пресуди, што генерално отстапува од она што како што напоменав е националниот просек по однос на казнување за ова кривично дело – истакна Петровска.
Во врска со изречената казна за сообраќајката кај Инекс, Петровска се надева дека со оглед дека ова е првостепена пресуда, ќе следи жалбена постапка до Апелација, во која ќе има можност да се преиспитаат уште еднаш сите олеснителни и отежнувачки околности коишто влијаеле за изрекување на таква казна.
Пресудите во Македонија кои се однесуваат за вакво или слично кривично дело во основните судови низ државава се различни.
Еве ќе го земеме Битола со оглед дека е во исто апелационо подрачје со судот во Охрид. Овде процентот на изрекување на затворски кази е значително повисок, шеесетина-седумдесет проценти, додека условните се значително помалку во споредба со Основниот суд во Охрид. Не секогаш проблемот е на апелационо подрачје, туку станува збор за судови кои низ годините имаат изградено некаква казна на полесна казнена политика за овие кривични дела – рече Петровска.
Петровска потенцира дека обвиненијата кои обвинителството ги донесува со елементи на небрежност, им ги врзува рацете на судиите за донесување на затворски пресуди.
Првичниот и основен проблем на овие кривични дела е фактот што од самиот почеток, кога обвинителството ја спроведува истрагата и веќе го креира обвинението, нужно е во тие моменти да се оцени за каков вид на кривично дело станува збор. Институтот небрежност е нешто кое не би можело во буквално сите кривични дела поврзани со безбедноста во сообраќајот и кривични дела во сообраќајот да биде преименувана. Треба да се пристапи кон правична процена на фактичката состојба, да се постави обвинението, односно да се квалификува кривичното дело соодветно. Не може да биде „небрежност“ непочитувањето на сообраќајните прописи со движење со дупло поголема брзина од предвидената, претекнување на полни или дупли линии или слично – додава Петровска.
Експертите од „Сите за правично судење“ велат дека ниту едно кривично дело не е идентично, секое е предмет на индивидуална оценка, меѓутоа не би требало да има значителни отстапки во изречените санкции. Казнената политика на државата генерално треба да биде построга за ваквите дела, посебно каде што има жртви.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град