Дали ќе дојде крај на маките за вработените во АД „ЕМО“?

За десеттина дена ќе се знае каква ќе биде судбината на АД „ЕМО“ од Охрид. Новиот план за спасување на овој гигант, според вицепремиерот за економски прашања Пешевски, ќе го реши проблемот со неисплатените плати на работниците. За жал, како дел од решението Пешевски најави и отпуштање на повеќе од половина од вработените. Целта, според него, е со работа да продолжат единствено профитабилните дејности од претпријатието.

 |  Мишел Наумоски  | 
emo
emo

emoНово решение или нов проблем? Судбината на охридскиот гигант АД „ЕМО“ ќе се знае за десеттина дена. Вака најави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски. После неколку неуспешни обиди да се спаси еден од најголемите загубари во државава, сега владата излегува со нов предлог. Планот за спас на АД „ЕМО“ пред управниот одбор на претпријатието денес беше презентиран од страна на вицепремиерот за економски прашања, Пешевски, и претставници од Министерството за финансии.

„Планот е базиран на идејата онаму каде што ЕМО  е сеуште конкурентен на пазарот да продолжи да функционира, а оние делови каде што конкурентноста поради разни причини од историски карактер не е на потребното ниво, ќе се направи рационализација. Идејата е ЕМО да се сведе на некаде 500-600 вработени коишто понатаму нели ќе работат во оние дејности кои што се профитабилни.“-рече Владимир Пешевски-Вицепремиер за економски прашања.

Пешевски најави дека стажот, односно сите давачки кои што се заостанати по однос на социјално, здравствено и пензиско осигурување, на вработените ќе им бидат регулирани во целост. Со овој предлог, Пешевски најави регулирање и на горливото прашање околу неисплатените плати за вработените.

„Сите вработени во ЕМО ќе добијат дополнителен надоместок во износ под титулата „за заостанати плати“ кој што ќе биде лимитиран од горна страна од износот од 2300 евра. Оние вработени кои што се од ДООЕЛ-ите коишто не се активни повеќе од четири години, кои што не доаѓаат наработа се разбира ќе добијат значително помал износ. Оние кои што во изминатиов период преку постапки на извршување наплатиле дел од своите плати во АД „ЕМО“ исто така ќе добијат помал износ и се разбира ќе има една мала разлика помеѓу оние кои што се 5 години до пензионирање и оние на кои што им недостасува подолг период до пензионрање.“-додава Пешевски.

Вработените кои ќе бидат технолошки вишок, согласно законот ќе добијат надомест од 50 % од просечната плата во последните две години и тоа во рок од една година, а 40% од овој просек ќе бидат исплатени во наредните 4 години. Вработените кои имаат уште 5 години до своето пензионирање со тоа автоматски ќе се пензионираат. За реализацијата на овој план, доколку биде прифатен, Владата ќе мора да издвои нешто над 7 милиони евра. За крај, Пешевски замоли за трпеливост и доверба од вработените кои што со месеци немаат земено плата, и од нив побара да ги прекинат постапките за судска наплата на неисплатените плати, бидејќи така го доведувале целиот процес во уште потешка состојба. Останува да видиме дали овој план ќе биде решение за тажните судбини на околу 1000 вработени или пак ќе биде уште еден проблем повеќе за некогашниот охридски гигант.

{loadposition content9}

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top