Каде лежи вината за евентуалното доцнење? Во поштарот, во поштата или на друго место?
Во динамичноста на секојдневното живеење, луѓето се повеќе зависат од точноста и ажурноста, не само вашите сопствени, туку и на останатите. За разлика од минатото, сега светот си има развиена мрежа на комуникации каде доставата се случува за само миг, или барем така би требало да биде.
Во нашата држава, главен писмоносец е претпријатието Македонски пошти, па оттука, нивната ажурност е од големо значење за македонскиот граѓанин. Ова е особено важно не само поради пратките и писмата, туку поради фактот што голем дел од сметките на граѓаните доаѓаат токму по пошта. А ако задоцните со плаќањето на сметката, која сеуште не стигнала на вашата адреса, како во случајот што го гледате на екранот, секако дека следува затезна камата. Еве што охриѓани мислат за ажурноста на Македонски пошти.
„Каснат ненормално. Е сега кој е виновен, не знам. Ние кога одиме да плаќаме го поставуваме тоа прашање како проблем. Дали се 3 дена или 5 дена камата, но кога ќе се земе за сите граѓани на државата секој по 3 денари или 5 денари, не се сите во можност да ги платат сметките одеднаш.“
„Ги носат навремено, не можам да речам не, можеби со закаснување ако е некој на одмор за недела-две, ама ги носат.“
„Можеби ги носат, ама ги оставаат по патиштава, по врати, на дождот. Така да не можеш да си на сигурно дали дошло или не дошло.“
„Навреме ги носат, се познаваме, со точак ги носат, ги оставаат на исто место, ние си ги земаме и нема никаков проблем.“
До нашата редакција постојано пристигнуваат поплаки од граѓаните дека нивните пратки или сметки пристигнуваат со задоцнување или истите воопшто не ги добиваат. За да им помогнеме на граѓаните, но и за да откриеме каде лежи проблемот ги побаравме и Македонски пошти.
Од дирекцијата во Скопје ни рекоа дека за задоцнување или непристигнување на пратки реагираат само ако имаат точни податоци за адресата, бројот или реонот каде пратката требало да пристигне. Доколку ги имаат овие податоци, тогаш испитувале каде лежи вината за доцнењето или непристигнувањето на некоја пратка, се со цел да ја подобрат својата услуга за во иднина.
Па сега дали е до поштарот, до поштата или до нешто друго? На крајот на краиштата, на обичниот граѓанин воопшто не му е важно зошто неговата сметка стигнала после рокот за плаќање. Затезната камата не му бега.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град