Продолжувањето на работното време на угостителските објекти редовно предизвикува сериозни реакции, кои се најизразени од страна на жителите на стариот дел на градот. Иако оваа летна туристичка сезона започна без најава за ваква промена и сите мислеа дека барем ова лето ќе помине без продолжено работно време на угостителските објекти, Градоначалникот Петрески реши уште некој час плус да ги држи жителите на Охрид будни во ситните саати.
Дали неговиот предлог ќе добие зелено светло или не, ќе видиме на 37-та седница на Советот на општина Охрид, закажана за во четврток. Уште недонесена, предлог-одлуката веднаш наиде на сериозни реакции од загрижените граѓани, но и од сопствениците на ноќните клубови. Една од тие реакции стигна и до нашата редакција.
„Според нас и досега работното време е големо и проширено за кафанџиите и предизвикува доста проблеми, а со наредно зголемување на работното време мислиме дека проблемите ќе се зголемат. Вистинските туристи се дојдени за одмор, за уживање и да го осознаат Охрид како лулка на културата, а не како лулка на техно забавите.“-рече Александар Довлев-Претседател на Урбана заедница 1.
Довлев потенцираше дека проблемите со бучавоста се само мал дел од многубројните реперкусии кои би произлегле од ваквата одлука. Граѓаните од Урбаната заедница 1 или Стар град својот допис, покрај до медиумите, го доставиле и до Советот на општината и до градоначалникот Петрески, со надеж дека нивните реакции ќе бидат земени предвид. Предлог-одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти наиде на жесток отпор и кај претставниците на ноќните клубови.
„Со самото продолжување на работното време на угостителските објекти им се нарушува мирот на сите туристи кои преку цела година, но најмногу во лето доаѓаат во Охрид. Јас би апелирал работното време да се врати како што беше претходно. Кафулињата да работат до 1 часот наутро, а ноќните клубови до 4 часот. Верувајте, после 4 часот се случуваат најголемите проблеми, тепачки, гужви…..сето тоа се случува во раните утрински часови.“-вели Илија Џепароски-Претседател на Здружението на ноќни клубови и кабареа
Џепароски додаде дека донесувањето на ваквата одлука се граничи со лудост. „Не знам на кого би му паднало на памет, откако до 6 часот наутро лумпувал по кафулиња, другиот ден да отиде на плажа. Мене, како претставник на сопствениците на ноќни клубови и како сопственик на ноќен клуб, воопшто не ми се допаѓа да работам до 5 или 6 часот наутро.“-вели Џепароски. Неизбежно е прашањето зошто толку доцна ако не и воопшто се носи одлуката да се продолжи работното време на сите угостителски објекти. Веќе се наоѓаме на крајот на месец јули, а ефективната туристичка сезона, сакале ние да признаеме или не, ни трае до средината на идниот месец, па ако е така, тогаш кој воопшто би имал некаква добивка од ваквата одлука? Или можеби се работи само за задоцнето остварување на предизборни ветувања? Тоа ќе го оставиме на вашата лична проценка.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град