CIVIL: Македонија нема изградено капацитети за слободни избори

Невладината организација ЦИВИЛ,  деновиве се на терен, претставувајќи ги проектите за изборно набљудување на низ повеќе градови низ Македонија.

 |   | 

Невладината организација „Цивил“ – Центар за слобода деновиве ги интензивира своите активности во пресрет на изборите закажани за 11-ти декември. Од „Цивил“ се во потрага по луѓе кои немаат партиски ангажман, ниту се партиски определени односно не се партиски активисти, кои би биле дел од нивната набљудувачка екипа. Овие активности се дел од едно долгорочно набљудување на целиот политички процес, особено на настани процеси кои се во изборен контекст, посебно за претстојните предвремени избори кои ќе бидат многу важни за нашата држава. Ситуацијата на терен е сериозна, вели Џабир Дерала – НВО „Цивил“.

„Забележуваме многу нерегуларности, сериозно отсуство на демократски процедури и процеси, меѓутоа и сериозно киднапирање на институциите од страна на политичките центри на моќ. Се гледа дека притисокот е многу силен, врз оние неопределени граѓанки и граѓани кои сеуште не знаат на кого би му го дале гласот на изборите и е уште поголем на оне што се определени“ вели Џабир Дерала.

Од „Цивил“ упатија повик до сите граѓани и граѓанки, да бидат свесни за тоа што се случува, да се спротистават на политичката култура на корупција, поткуп, притисоци и зависност од оние структури кои не би требало всушност да ги условуваат луѓето за нивниот глас. Апелираат и до институциите, да се ослободат од партиските стеги и да делуваат професионално во полза на општеството, но и до политичките партии да не се наметнуваат во институциите. Дерала потенцира, дека во моментов нашава држава нема изградено капацитети за одржување на слободни избори.

„Македонија во моментов нема изградено капацитети за слободни избори. Договорите кои се потпишаа се повеќе од формална природа, она што се формираа некакви тела и институции или делови од институции за да можат да придонесат кон слободни избори се под силен притисок и сериозна опструкција мислам на СЈО и на други институции и други тела“, додава Дерала.

Овие активности, се впрочем и почетокот на финалната и најинтензивна фаза во имплементација на проектите за изборен мониторинг кои ги спроведува ЦИВИЛ. Тоа подразбира интензивирање и на комуникацијата со граѓанките и граѓаните, политичките партии, медиумите, полицијата и другите институции.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top