ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За Подобра Македонија“, по традиција кампањата ја започнаа од Охрид. На митингот кој синоќа се одржа на преполниот градски плоштад кандидатот за претседател, Ѓорге Иванов рече дека со чист образ по втор пат ќе ја подбара довербата од граѓаните.
Кандидатот за претседател на Република Македонија од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За Подобра Македонија“, на митингот кој синоќа се одржа во Охрид рече дека не случајно кампањата започнува од тука бидејќи Охрид е најсилен светилник на вербата и победата. Тој подвлече дека никој не и ја подари незавиосноста на Македонија туку дека самите се изборивме за неа. Иванов потенцираше дека довербата на граѓаните се добива со реализација на ветените проекти затоа рече дека е горд што ветената програма од 2009 во целост ја реализирал. Притоа остварил и 450 средби со претседатели на други држави, министри, државници. Упорно работел на остварувањето на нашите стратегиски цели и зачувувањето на нашиот интегритет и суверенитет. Но притоа не бев сам, нагласи претседателскиот кандидат. Голема подршка и помош имав од Владата на чело со премиерот Никола Груески. Тој вети дека уште пожестоко ќе продолжи со заложбите за влез во ЕУ И НАТО. За нашата подготвеност за влез зборуваат петте позитивни извештаи на Европската комисија и петте препораки за почеток на преговорите за членство во унијата. Го бараме она што сме го заслужиле, ништо повеќе, ништо помалку од тоа. Како за другите така и за нас, додаде Иванов. Тој се осврна и на проблемот што го има Македонија со јужниот сосед велејќи дека не отстапува од ставот да нема промена на уставното име бидејќи Македонија има идентитет.
-Веќе 23 години сме сведоци на невистините што ги шират за нас дека не сме биле добар сосед, дека сме имале територијални претензии, дека сме имале измислен јазик, дека сме биле измислена нација. Веќе 23 години од нас се бара да се откажеме од тоа што сме биле, што сме и што мора да бидеме. Од нас се бара да се откажеме од сопствениот идентитет. Човек може да се откаже само од она што му е дадено и стекнато. Идентитетот не ни е даден или стекнат. Идентитетот го имаме. Како претседател нема да прифатам промена на Уставот заради промена на уставното име и нема да прифатам идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет и нашиот модел на соживот, рече Ѓорге Иванов.
Промовирајќи го кандидатот за претседател премиерот на Република Македонија и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, нагласи дека од Охрид тргнува походот кон уште една нова победа. Од денес започнуваме да ја бараме довербата на нашиот народ, рече Груевски. Тој кажа дека ќе се воздржи од критики упатени према нивниот противкандидат од редовите на СДСМ, Стево Пендатоски, но не заборави да потсети дека му бил десна рака на Бранко Црвенкоски. Премиерот нагласи дека во изминатите пет години Иванов работел напорно и одговорно за сите граѓани, вложил огромен труд за да ја оправда довербата, а и соработувал со Владата за сите реформи и проекти за напредокот на државата.
-Ѓорге остана истиот за кој ви говорев на митинзите пред 5 години. Тогаш многумина од вас не го познаваа доволно.Многумина ми велеа –го поддржуваме оти ви веруваме вам. Денес и ние, и самиот Ѓорге Иванов, можеме со исправена глава да застанеме пред вас и да ве погледнеме. Овој човек ја оправда довербата и заслужи втор мандат од граѓаните. Таков човек и треба на Македонија, стабилна и зрела личност. Но и пет години подоцна можеме да кажеме дека Ѓорге Иванов е претседател со големо искуство, им се обрати Груевски на присутните на централниот митинг во Охрид.
Пред преполниот плоштад кој беше претесен да ги собере сите симпатизери и подржувачи на претседателскиот кандидат на коалицијата „За подобра Македонија“ се обратија и претседателот на демократската партија на турците, претседателот на српската демократска партија, на сојузот на ромите, на демократската обнова на македонија, лидерот на демократкиот сојуз, на социјалистичката партија како и претседателот на паневропска унија, Алан Тереноар.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град