Поетот Чарлс Симиќ од САД е добитник на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2017 година. Симиќ е роден во 1938 година во Белград и е еден од најзначајните современи американски поети, есеисти, критичари и преведувачи.
Чарлс Симиќ поет од САД е добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2017 година. Ова беше соопштено денеска на свеченоста во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје. Со наградата „Златен венец“, како што стои во одлуката, се наградуваат високите уметнички достигнувања на Симиќ, особениот поетски израз и поетиката на страсното и луцидно сведоштво на новото време.
Тој е познат на сите меридијани, на сите континенти, ги има добивано сите најзначајни награди во Америка, а некои и во Европа, а еве сега се закити и си Златниот венец на поезијата, вели Славе Ѓорго Димоски, претседател на Управниот одбор на СВП.
Симиќ, кој е 52 лауреат на СВП, во своето писмено обраќање по повод наградата наведува дека е почестен што ќе биде во групата истакнати поети носители на признанието и дека со нетрпение очекува да присуствува на поетската манифестација. Денес е и светскиот ден на поезијата. Ѓорго Димоски вели дека македонските поети се повеќе си го наоѓаат своето место на поетското небо.
Во последните неколку децении македонската поезија доста се преведува во светот, посебно помладите автори, застапена е во различни антологии, а мостот кој го прави меѓу нашата земја со светските поетски метрополи е многу значаен, вели Ѓорго Димоски.
Инаку, веќе е традиција на светскиот ден на поезијата да се објавува лауреатот на струшките вечери на поезијата бидејќи оваа манифестација ги поврзува поетите од целиот свет.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град