На деветтата по ред меѓународна конференција за платежни системи и системи за порамнување на хартии од вредност, ќе се разговара и околу прилагодување на македонското законодавство од доменот на платните системи со европската регулатива.
Усогласување на македонското законодавство со европските регулативи во делот на платежните системи, дискусија околу најновите трендови во електронската трговија, мобилните паричници, плаќањето преку мобилни апликации. Ова се само дел од темите на кои од денес, па се до среда ќе се дискутира на деветтата по ред меѓународна конференција за платежните системи и системите за порамнување на хартии од вредност која традиционално се одржува во соработка со централните банки на Холандија и Португалија. Токму прилагодувањето на нашето законодавство во платежните системи, според вицегувернерката на НБРМ, Маја Кадиевска-Војновиќ е фокусот, не само на нашата централна банка, туку и една од поважните теми за дискусија на оваа конференција.
„На национално ниво, нашето внимание е фокусирано на хармонизирање на македонската легислатива со европската регулатива. Новиот закон за платежни системи и услуги ќе го имплементира ПСД и дел од ПСД2 европската директива, директивата за порамнување и директивата за е-пари. Во насока на тоа, закажана е панел дискусија каде ценети претставници од провајдерите на платежни услуги и експерти од Народната банка на Република Македонија, како и експерти од Словенија и Бугарија, ќе го елаборираат новиот пакет на македонски платежни закони.“-вели вицегувернерката Кадиевска-Војновиќ.
Следењето на сите европски трендови, иновации и технологии како и новата европска регулатива во овој дел е важно доколку Македонија сака полесно да се адаптира на европската законска регулатива, смета Мајкл ван Дуверен од Централната банка на Холандија. Тој додава дека не само во Македонија, туку и во цела Европа, една од основните преокупации е безбедноста на платежните системи.
„Секогаш постои игра на мачка и глушец, добрите момци и лошите момци. Мислам дека централните банки ќе ги подготват учесниците на финансиските пазари за да ги заштитат нивните банкарски сметки, за никој да не може да краде од нив. Ние имаме доста инструкции за тоа како да се борат банките против криминалците, но како што реков, тоа е игра на мачка и глушец. Секогаш сме во ситуација да се прашуваме што е сега ова, кои се новите трендови, како може да се справиме со измамите, со нелегалното прибирање на кориснички податоци, и тоа е многу важно.“-рече ван Дуверен.
Руи Пиментел од Централната банка на Португалија пак, вели дека централните банки се постојано инволвирани во спречување на можните измами и дека и тие мора да ги следат сите технолошки пронајдоци како не би изгубиле чекор со измамниците.
„Ние ги следиме случувањата на полето на безбедноста на плаќањата и сме инволвирани во оваа сфера во смисла на следење на најновите форми на измами што се појавуваат. Истовремено водиме сметка за развојот и во делот на регулативата во таа сфера за да ги превенира овие измами, и секако сме инволвирани на сите нивоа во сферата на безбедноста на плаќањата.“-изјави Пиментел.
Инаку конференцијата има меѓународен карактер и на неа учество земаат претставници од Европската централна банка, централните банки на Албанија, Белорусија, Бугарија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Хрватска, Црна Гора, Чешка, финансиската институција „Комерцбанк“, како и претставници од деловни банки, регулатори на инфраструктурата на финансиските пазари и останати финансиски и нефинансиски институции во Република Македонија.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град