Во 18 месечната обука која тие ја спроведуваат, кандидатите не само што ќе добијат можност да станат воени пилоти туку оние кои ќе бидат избрани ќе добијат и вработување во Армијата на Република Македонија. Потребно е само завршено високо образование и не повеќе од 28 години.
Центарот за обука на пилоти бара нови регрути. Можеби нечија детска желба да се лета во височините многу лесно би можела да стане реалност. Слично како што се случило за пилотот Весна Петреска. Таа вели дека адреналинот и погледот од височина кој е уникатен и биле одсекогаш предизвик и неостварена желба. Кога се пријавила на огласот не верувала дека може да стигне до таму каде што се наоѓа сега, но вели дека со упорност и желба се се може. Петреска вели дека обуката доста бара од кандидатите, но дека нема некакви стереотипи дека женско не може да биде пилот, додава дека тестовите и барањата се исти за сите, и дека важно е какви резултати се постигнуваат. Таа ни опиша какво е чувството кога за прв пат се влегува во леталото.
“Првиот момент е уште за време на селекцијата, за време на скринингот, учиме прво една недела теорија, и се полагаат тестови и после тоа влегуваш во авионот “Zlin 242″ и првиот момент кога влегуваш во авионот и уште кога си на самата писта, кога веќе е стартуван моторот, кога си подготвен да полеташ имаш доста адреналин во себе и желбата мислам дека е тука најголема и доаѓа до израз.”-вели Весна Петреска, пилот.
Инструкторот во Центарот за обука на пилоти и одговорен за фазите на селекција и основна обука, Борче Манев, вели дека за кандидатите доволно е да имаат завршено високо образование на било кој факултет, да се државјани на Македонија и да немаат повеќе од 28 години. Потоа пријавените се селектираат, поминувајќи низ селекција на земја, компјутерски тестови, медицински прегледи, проверка на физичка подготвеност и проверка на познавање на англиски јазик.
“Сите што ќе поминат потоа добиваат шанса од десет лета на авионот “Zlin 242″ каде што во воздухоплов совладуваат одредени вештини и вежби и гледаме дали навистина имаат капацитет да бидат воени пилоти или не. За тие што ќе поминат ние сме во многу голем дел сигурни дека имаат доволно капацитети и можат до крај да ја завршат целокупната обука и да станат воени пилоти. Оние кои што ќе завршат, овој конкурс како што реков е наменет за АРМ, потоа добиваат вработување во Армијата на Република Македонија како офицери, пилоти, ќе бидат распоредени на некои од армиските хеликоптери МИ-17 и МИ-24 зависно од потребите во дадениот момент.”-рече Манев.
Целокупната обука трае 18 месеци, вклучувајќи го и периодот на селективното летање. Конкурсот веќе е отворен и ќе трае до 1ви јули, а ќе бидат примени осум кандидати. Манев додава дека ова не треба да ги обесхрабрува кандидатите бидејќи тие постојано имаат отворен конкурс, односно по завршувањето на актуелниот, се почнува со селекција па се отвора нов конкурс. За сите оние пак кои се заинтересирани, но сакаат да дознаат повеќе детали, Манев ги покани во Центарот за обука на пилоти на 28ми мај кога организираат отворен ден на кој кандидатите можат да ги видат просториите на Центарот, летачката флота, колегите и да дознаат повеќе детали за самата обука.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град