Петрески носи добар абер од Крагуевац. Според најавите на градоначалникот на Охрид, кој неодамна оствари посета на овој град, делови и опрема за автомобилот Fiat Punto ќе се произведуваат кај нас. Постои можност да се реанимира еден од погоните на некогашната фабрика „Застава“ од Охрид. Петрески потенцира дека нашиот град веќе 30 години е збратимен со градот Крагуевац и бележи добар период на соработка. Бројните туристи кои го посетуваат нашиот град е еден од показателите за тоа, вели тој.
„Знаете дека фабриката „Застава“ Крагуевац пред некоја година ја купи „Fiat“ од Италија и веќе почна таму да се произведува пунтото. Ние сакаме таква соработка повторно да се воспостави, „Застава“ во Охрид повторно да почне да произведува опрема и делови за „Застава“ -Крагуевац“.
Доколку се остварат ваквите најави на градоначалникот, по се изгледа стопанството во Охрид ќе го забележи првиот раст по долгогодишното тапкање во место. Дали идеата за производство на автомобилските делови ќе се реализира ќе зависи од Венко Шапкар и Богоја Блажевски, стопанственици кои Петрески ги посочи како можни партнери во оваа зделка.
Покрај развој на стопанството, Крагуевац на Охрид му нуди збратимување со Мостар. Петрески вели дека тоа ќе биде прв град од Босна со кој ќе оствари добра соработка и можност да профункционира триаголникот Крагуевац – Охрид – Мостар.
Дали ова е само отчет на Петрески за посетата на Крагуевац или истата ќе вроди со реални резултати на полето на стопанството и воопшто за Охрид, останува времето да покаже.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град