Иако минатиот продолжен викенд го наполна градов до последниот кревет во сместувачките капацитети, тоа видно не се одрази врз прометот на дуќанџиите. Тие бога молат да имаме убава есен со повеќе гости како би можеле да ја поминат зимата.
Охридската чаршија викендов што помина беше преполна со туристи. Како што се вели да нема игла каде да се фрли, но тоа не ги наполни касите на дуќанџиите. Посетивме повеќе дуќани, занаетчиски работилници, сувенирници и продавници за накит. И секаде ја слушнавме речиси истата приказна. Велат туристите повеќе шетале и разгледувале одошто купувале. Во градов посебно во викендите најмногу се застапени туристите од помладата генерација, а тие немаат намера да купуваат по дуќаните туку пред се се дојдени за забава по плажите, кафулињата и ноќните клубови, велат сопствениците на дуќаните во чаршијата. Во атељето за накит Сузан сју велат дека повеќе очекувале од овој празничен викенд бидејќи според некои првични сознанија во градов имало околу 30 000 гости.
Од прометот сум средно задоволна бидејќи имаше многу гости, но претежно беа македонски туристи а тие слабо купуваат. Ја знаеме нивната куповна моќ па не може и нешто повеќе да се очекува, вели Сузан Димитриеска.
Сузан објаснува дека најмногу кај неа купуваат туристите од Бенелукс, па потоа турците. Најчесто купуваат за подароци, но и за себе. Има накит за сечиј вкус и џеб. ЗА еден привезок треба да се издвојат само 300 ден, а ако сакате нешто поголемо и повпечатливо ќе ве чини и до 1200 ден. Сузан смета дека цените се прикладни, а гласините дека Охрид е скап се неосновани и злонамерни.
Моите цени не да се прикладни туку се и ниски. Ова е рачна изработка и кој знае да ја цени знае и дека не е скапо. Мислам дека во ниту едно друго туристичко место не можеш да најдеш ваков накит за овие цени, децидна е Сузан.
Дуќанџиите се надеваат дека убавото време ќе потрае па ќе имаме продолжена сезона. Доколку септември и октомври има странски групи можеби прометот ќе ни се зголеми па ќе можеме некако да ја поминеме зимата која е многу тешка за нас зошто има денови кога во дуќаните не влегува ниту еден муштерија, велат тие. Доколку пак имаме лоша есен тешко ќе врзиме крај со крај. Мора сериозно да се размислува за привлекување туристи и во зимскиот период зошто со два месеци работа на лето не може да се опстане, велат сопствениците на дуќаните во чаршијата.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град