Поголема самодоверба, подобрена креативност, меморија, концентрација. Листата на придобивки од Брејн`О`Брејн програмата на Црвениот крст е долга и широка.
Брејн`О`Брејн програмата на Црвениот крст, вистински хит помеѓу децата, но и помеѓу родителите. Подобрена концентрација, зголемена креативност, развивање на меморијата на децата и бројни други придобивки. За нив, сведочат и одличните резултати кои дечињата од оваа програма ги постигнаа на државниот Брејн`О`Брејн натпревар во Скопје, од каде малите охриѓанчиња се вратија со дури 27 освоени награди од кои 10 трофеи како највисоки признанија, како и 13 златни и 4 сребрени медали. И ако резултатите сами по себе не ви се интересни, тогаш слушнете во какви дисциплини се натпреварувале дечињата.
„Тоа беше презентирање на суми, собирање и одземање, брзи износи до десет, броеви за седум секунди. Тука беше присутен мултитаскингот, истовремено решавање на две суми, пеење, изведување на други активности, пресметување, пресметување на двоцифрени и троцифрени броеви. Децата во овој центар на прво место ја подигнуваат својата самодоверба, ја развиваат креативноста, меморијата, концентрацијата, визуелизацијата и ред други вештини кои што не само додека го посетуваат центарот ќе бидат нивни, туку тие вештини им остануваат за цел живот.“-вели инструкторот од Брејн`О`Брејн програмата, Валентина Кузманоска.
За дечињата кои го посетуваат Брејн`О`Брејн центарот при Црвениот крст од Охрид, оваа програма и тоа како е забавна.
„Ние таму учиме да сметаме, да собираме, да одземаме и да множиме, играме игри, се натпреваруваме.“-рече Матеа Стоев, едно од дечињата учесници во програмата.
Родителите пак велат дека јасно се гледаат позитивните промени кај нивните деца откако ја посетуваат оваа програма.
„Промени има, да. Син ми е ученик во четврто одделение и покрај обемната материја на училиште успева за многу кратко време да ги научи и совлада сите предмети. Значи му олеснува многу во брзината на совладување на предметите, концентрацијата е присутна апсолутно и се рефлектира тоа во однос на учењето и како што рече и Валентина, стекнуваат самодоверба, срамот на јавни настапи, едноставно тремата како трема ја избегнуваат и мислам дека многу влијае и дека допрва ќе се почувствуваат резултатите.“-изјави родител на едно од дечињата учесници, Билјана Попоска.
Во Брејн`О`Брејн центарот при Црвениот крст од Охрид функционираат 9 групи од прво до седмо ниво, а сега ќе започнат и со работа со осмото ниво. Инаку оваа програма во Охрид функционира веќе четири години, и охридскиот Брејн`О`Брејн центар во рамките на Црвениот крст е првиот центар од ваков вид на Балканот.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град