Библиотеката „Григор Прличев“ најверојатно ќе се прошири во новите простории дури на пролет. Останува уште да се постават уредите за ладење и греење кои се неопходни за одржување на книжниот фонд, но минатава година Министерството за култура не им обезбедило средства за таа намена. Оваа година повторно конкурирале.
Библиотеката „Григор Прличев“ никако да се прошири во новите простории. Направени се сите подготовки за преселба, останува уште да се постават уредите за ладење и греење кои се неопходни за одржување на книжниот фонд. Од библиотеката велат дека минатава година Министерството за култура не им обезбедило средства за таа намена.
Ние и покрај конкурирањето минатата година за средства од Министерството за култура за доопремување во смисла на тие грејни тела не добивме средства. Тој конкурс се повтори како и секоја година, па конкуриравме за идната година и некаде во февруари ќе бидеме начисто и ќе знаеме што точно ќе се случи и дали државата ќе има слух и конечно ќе даде средства и за таа намена, вели Милчо Јованоски-НУ Библиотека „Григор Прличев“ .
Се обидувавме и по други канали да најдеме средства, но тоа оди многу тешко бидејќи сме заглавени поради фактот што сме Национална установа, а како таква треба да не финансира државата па немаме право да аплицираме преку проекти за пари од европските фондови, објаснува Јованоски.
Библиотеката располага со богат книжен фонд, а има и дела кои се единствени и заштитени. Затоа условите под кои ќе се изложат мора да се соодветни. Првично беше замислено во просторот каде се наоѓаше „Охридско лето“ да биде сместено детското одделение со читална за деца, а еден мал простор да биде прилагоден како игротека за деца. Во делот пак каде и сега се наоѓа библиотеката да биде сместено одделението за возрасни читатели и администрацијата. Библиотеката да е од отворен тип па читателите да можат да ги разгледуваат книгите и самите да си одберат што ќе читаат. Но, ваквиот план може да претрпи и измени се со цел просторот да биде пофункционален. Ние не застануваме. Секојдневно по неколку часа работиме на пренесување на книжниот фонд во новите простории За жал морам да признам дека и со новиот простор нема да добиеме библиотека по светските стандарди. Ќе треба уште многу да се инвестира, а ни треба уште поголем простор за таква библиотека. Но сепак ќе биде многу подобро од што е сега и читателите ќе можат да бидат задоволни, вели Јованоски.
Мислам дека во првата половина на идната година како и да е ќе мора да ја завршиме таа преселба бидејќи тоа им го должиме и на граѓаните, а и себеси затоа што треба да имаме подобри услови за работа, вели Јованоски.
Инаку идејата за проширување на библиотеката „Григор Прличев“ започна уште во 2013 кога се донесе и одлука од тогашната Влада со која просториите каде функционираше НУ фестивал „Охридско лето“ и беа доделени на библиотеката на трајно користење без надомест.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град