Министерот за одбрана Зоран Јолевски вели дека будно се следи безбедоносната состојба во регионот и пошироко, како и настаните во Сирија и можноста за нов бран на бегалци. Тој вели дека Македонија е подготвена за новите предизвици. Во Охрид се одржува напредната школа на тема „Борба против активностите на ИСИС за радикализација преку сајбер-просторот во регионот на Југоисточна Европа“.
Безбедоносната состојба во Македонија е стабилна. Будно ја следиме состојбата во регионот и пошироко, како и настаните во Сирија. Пред се сме преокупирани со можноста за нов бран на бегалци за што развиваме соодветни стратегии како да се однесуваме доколку нешто се случи. Ова го изјави министерот за одбрана Зоран Јолевски кој учествува на НАТО напредната школа што се одржува во Охрид, на тема „Борба против активностите на ИСИС за радикализација преку сајбер-просторот во регионот на Југоисточна Европа“.
ИСИС во последниве неколку месеци трпи загуби на военото поле, но тоа не значи дека не треба да се продолжи да се следи оваа ситуација и институциите да можат содветно да реагираат. И понатаму работиме на развој на мерки за справување со вакви предизвици, рече Јолевски.
На оваа конференцијата експерите од Македонија имаат можност да разменат искуства со свои колеги од Балканот и пошироко. Глобалните трендови во однос на употребата на сајбер-просторот и технологиите од страна на ИСИС и градењето на регионална соработка помеѓу учесниците од НАТО и земјите од Партнерството за мир, се прашања кои се особено значајни за регионот, посебно поради актуелните случувања во светот, рече Златорог Минчев, началник на Одделот за информатика и безбедност во електронските комуникации во Бугарската академија на науки.
Може да се види дека доаѓа нов бран од мигранти. Не можам да споделам детали околу тоа, но има некои најави од Ердоган дека може да се случи да ги отворат вратите и тие да дојдат тука. За среќа нашите земји се само транзитни земји, сепак треба да сме подготвени, рече Минчев.
На работилницата во Охрид учествуваат над 45 претставници од безбедносниот сектор од Македонија, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора, но и од САД, Турција, Италија и Израел. Таа се реализира во ко-организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и Бугарската академија на науките.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град