Бесплатни прегледи за здравствено осигурените бремени жени

Здравствено осигурените бремени жени од денеска нема да плаќаат за гинеколошки и микробиолошки прегледи, биохемиски анализи, вклучувајќи го и породувањето, како и за советување при посета од страна на патронажните служби. Овие услуги од 1-ви јануари идната година, бесплатно ќе може да ги добијат и жените без здравствено осигурување.

 |  Голабовски Крсте  | 
бремена

Здравствено осигурените бремени жени од денеска нема да плаќаат за гинеколошки и микробиолошки прегледи, биохемиски анализи, вклучувајќи го и породувањето, како и за советување при посета од страна на патронажните служби. Овие услуги од 1-ви јануари идната година, бесплатно ќе може да ги добијат и жените без здравствено осигурување.

Станува збор за нови мерки на Министерството за здравство за унапредување на здравјето на бремените жени и доенчињата.

Сите здравствени установи во државата нема да им наплаќаат партиципација на бремените жени, а за средствата за партиципација ќе се обраќаат до Министерството за здравство, кое ќе ги обезбеди од сопствен буџет.

бременаВо рамки на низата нови мерки на Министерството за здравство, е и проектот „Домашна визита“, кој предвидува патронажните служби од здравствените домови да стават посебен акцент на посетата на бремените жени од социјално ранливите групи, како што се бремени жени со понизок степен на образование, односно без образование или со основно образование, како и жени кои примаат социјална помош.

Бројот на жени од социјално ранливи групи во репродуктивен период од 16 до 49 години во државата е околу 70.000. Тие ќе бидат советувани да се јават на матичен гинеколог и да ги прават потребните прегледи бесплатно, со приоритет на бремените жени. Оваа активност почнува од средината на овој месец.

Министерството за здравство овој месец почнува и со спроведување на проектот „Гинеколошка амбуланта на тркала“ која ќе биде насочена во рурални средини каде нема матични гинеколози. Најпрво ќе биде посетен беровскиот регион и селата во тој регион со приоритет кај жени без образование и само со основно образование и социјално ранливи групи кои ќе бидат повикувани на гинеколошки прегледи. Мобилната амбуланта ќе продолжи со работа во текот на целата година во другите региони на државата.

Во рамки на проектот „Наш специјалист“, информираат од Министерството, низ државата има слободни 12 гинеколошки амбуланти по здравствените домови во кои ќе одат гинеколози од регионалните болници на нивните подрачја и ќе прегледуваат жени еднаш неделно.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top