Со меморандумот кој денес го потпишаа педагошките факултети од земјава со ресорното министерство, овие бесплатни курсеви ќе бидат водени токму од студентите на овие факултети.
Министерството за информатичко општество и администрација ќе обезбеди бесплатни курсеви за канцелариско работење и интернет. За оваа цел, министерот Иво Ивановски, денес потпиша меморандум за соработка со деканите на педагошките факултети од земјава. Токму студентите од овие факултети ќе бидат задолжени да ги спроведуваат овие курсеви на министерство. Според министерот Ивановски, овие курсеви ќе бидат корисни и за граѓаните, но и за студентите.
„Се работи за продолжување на иницијативата на Министерството за информатичко општество и администрација за бесплатни обуки на сите граѓани на територијата на Република Македонија во нашите интернет клубови, обуки кои што се за канцелариско работење, основно канцелариско работење и обуки за искористување на интернетот и интернет алатките. Особено ми е задоволство што имавме првичен состанок со деканите кои што се денеска присутни. Би сакал да им се заблагодарам што веднаш ја препознаа додадената вредност на овој проект, каде што заеднички ќе можеме, нивните студенти кои што ќе бидат идни професори по информатика да ги држат овие обуки за граѓаните.“-рече министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.
Министерот Ивановски додаде дека со водењето на овие обуки, студентите воедно и ќе ја добиваат онаа практична настава која е согласно последните законски измени.
„За студентите ова е една многу значајна можност за да се запознаваат со нови содржини од информатиката, а исто така да ја спроведуваат и обуката за предвидените часови кои што се на факултетите. Исто така многу значајна е и комуникацијата со граѓаните, така да идните наставници уште пред да станат тоа, низ практиката ќе можат да комуницираат со населението, со идните ученици, студенти.“-вели деканот на педагошкиот факултет од Битола, проф. Д-р Талевски.
Развојот на информатичкото општество во Охрид е дел во кој идната локална самоуправа ќе посветува посебно внимание-вели кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески. Тој најави отворање на нови интернет клубови, интегрирање на институциите во општината во заеднички систем, полесна регистрација на туристите и наплата на туристичка такса.
„Друг дел на кој ќе обрнеме посебно внимание, покрај отворање на едно до две вакви места каде што граѓаните ќе можат да користат компјутерска техника и ќе се врши бесплатна обука на граѓани, за основни компјутерски апликации, посебно внимание, имаме обрнато на користење на вакви специјални помагала од делот на информатичката технологија за хендикепирани лица, она што досега не се работеше во овој град и има посебен дел во нашата програма за користење на овие алатки, специјално наменети помагала за лица со хендикеп, физички и психички.“-изјави кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески.
Како дел од проектот на министерството за информатичко општество, на овие обуки еден дел ќе биде наменет и за збогатување на македонските содржини на интернет енциклопедијата Википедија, со што граѓаните самите би можеле да земат учество во креирањето на оваа популарна алатка. Инаку заинтересираните граѓани кои сакаат да учествуваат на овие бесплатни курсеви, можат да се пријават на телефонскиот број 15 111 или тоа да го направат директно во бесплатните интернет клубови на Министерството за информатичко општество.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град