Џема Бертањоли, италијанската сопранистка со извонредни вокални перформанси, вечерва на програмата на Охридско лето.
Празник за љубителите на соло пеењeто. Вечерва на програмата на 52-то издание на фестивалот „Охридско лето“ концерт на светски познатиот сопран Џема Бертањоли. Придружувана од еден од најинтересните камерни музичари на денешницата, пијанистот Франческо Де Жан, во просторот на Св. Софија, Бертањоли ќе се обиде да ги задоволи вкусовите и на најпребирливата публика. За прв пат во Охрид, таа импресионирана од она што го видела досега во целиот град.
„Овој фестивал е полн со познати имиња и реномирани настани и многу сум среќна што сум дел од тоа“ вели Бертањоли.
Џема Бертањоли е сопранистка со јасен и чист глас, со одреден „ранлив“ квалитет и експресивна техника. Нејзината професионална кариера ја води до најголемите оперски куќи и концертни сали во светот. Таа е најпрославена како интерпретатор на барокна музика во улогите напишани од Хендл, Перголези и Вивалди во низа оперски и концертни продукции. Нејзиниот оперски репертоар е разновиден и опфаќа голем број од ремек делата на оперската литература. Не смее да се занемари нејзината работа со младите соло таленти, на што е посебно горда.
„Би била среќна да најдам или да доживеам некој талент овде, како и на секое место каде што сум била, пробувам истото да го доживеам и да го најдам, би била среќна“ објаснува Бертањоли.
Франческо де Жан се смета за еден од најинтересните пијанисти на неговата генерација, совршен и рафиниран камерен музичар. Од 1991 година тој е уметнички директор на неколку музички фестивали во повеќе региони на Италија. Во последните години, тој целосно е посветен на камерното музицирање, настапувајќи со реномирани изведувачи, меѓу кои: Валери Ојстрах, Ханс Хајнц Шнеебергер, Франческо Манара, Кристоф Коин, Патрик Деменга, како и со ансамблите I Solisti della Scala, Quartetto d’Archi di Torino и Sestetto Stradivari.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град