Рикеман беше побрз и поиздржлив од останатите 21 маратонци и се искачи на најпосакуваниот трон во светското маратонско пливање. Најдобро пласираниот македонец, Евгениј поп Ацев за жал во фото финиш ја загуби битката за првото место и се пласира на одличното второ место.
Белгиецот Брајан Рикеман е победник на годинешното 28мо издание на Охридскиот пливачки маратон. Рикеман беше поиздржлив и побрз од останатите дваесетина маратонци и прв ја исплива познатата патека „Климе Савин“. Жестока битка како и во најголемиот дел од трката се водеше и при самиот крај, односно пристигнувањето на првата група на целта на градското пристаниште.
„Многу сум уморен, многу тешка трка. Не бев во најдобра форма. Затоа што станав татко за прв пат па зедов една година одмор, тренирав последните пет недели, периодот беше краток, но многу сум среќен што победив.“-вели победникот на 28от Охридски пливачки маратон, Брајан Рикеман.
Македонскиот маратонец, Евгениј поп Ацев иако до самиот крај на трката беше рамо до рамо па и пред победникот Рикеман, во последните пет метри ги потроши и последниот атом од своите сили и во фото финиш го загуби тронот, но се пласира на одличното второ место.
„Штета, навистина. Поделени чувства. Среќен сум за тоа како испливав и за успехот. Некој да ми кажеше пред трката дека ќе бидам второ место ќе бев пресреќен, но знаете, секогаш кога ќе изгубите во фото финиш малку ви е криво, поготово на оваа трка во Охрид која ми е посебно драга и на која многу сакав да победам. Но тоа е, тоа е спортот. Се случува. Еден мора да изгуби од тие двајца кои се во фото финишот.“-рече нашиот маратонец, Евгениј поп Ацев.
Третото место го освои Јоан Едел од Франција.Покрај поп Ацев, солиден пласман и нови бодови во генералниот пласман освои и вториот наш најдобар маратонец, ветеранот Томи Стефаноски. Покрај нив двајца, на годинешниот Охридски пливачки маратон, учество зедоа уште Александар Илиевски и Александар Панчевски. Инаку на годинешното 28мо издание на Охридскиот пливачки маратон учество зедоа 22 натпреварувачи од 14 земји.
16 мажи и шест жени од Казахстан, Бразил, Аргентина, Италија, Белгија, Франција, Македонија, Германија, Чешка, Хрватска, Русија, Шпанија, пливаа од стартот кај Свети Наум па до Градското пристаниште. Патеката долга 30 километри на победникот… му донесе награда од 10.000 долари. Наградата на победникот му ја додели претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов кој воедно е покровител на Охридскиот пливачки маратон.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град