Балканот помеѓу Истокот и Западот – стари или нови безбедносни предизвици

Бегалската криза, односно Балканската рута преку која поминаа стотици илјади бегалци, меѓународниот тероризам кој најчесто доаѓа од таканаречената Исламска држава и огранизираниот криминал во сите негови форми и облици, се најголемите закани по мирот и безбедноста во регионот.

 |   | 

Мирот и безбедноста се неделиви категории. Кога зборуваме за мирот и безбедноста во регионот сите сме свесни дека постојат многу фактори и чинители кои ја детерминираат безбедноста на секоја држава поединечно и на регионот како целина. Ова го истакна претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери во обраќањето пред учесниците на третата Регионална конференција за безбедност „Балканот помеѓу Истокот и Западот – стари и/или нови безбедносни предизвици што од денеска се одржува во Охрид. Тој додаде дека главни закани по мирот и безбедноста во регионот ги посочи бегалската криза, односно Балканската рута преку која поминаа стотици илјади бегалци, меѓународниот тероризам кој најчесто доаѓа од таканаречената Исламска држава и огранизираниот криминал во сите негови форми и облици.

„Успешното справување со овие предизвици е можно само преку целосна соработка на сите држави во регионот. Имајќи предвид низ што се поминаа државите во регионот на Западен Балкан во последната декада од минатиот век и почетокот на ова столетие, како и старите, историски антагонизми, мислам дека сите сме свесни дека само преку билатерална и мултилатерална соработка можеме да ги надминеме меѓусебните недоразбирања и во исто време да одговориме на сите предизвици кои можат да го загрозат мирот и стабилноста, како на секоја држава така и на регионот па и пошироко“ додаде Талат Џафери – претседател на Собрание на РМ.

Процесот на редефинирање на геополитичките односи во светот започнат на крајот на минатиот век влегува во подинамичен период, истакна Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Глобализацијата, мултиполарноста, цивилизациско-културолошките вредности, како и системските, пред се правно-политичките стандарди, колку и да се набљудуваат како општествени концепти, истовремено може да се земат како параметри преку кои се одредуваат димензиите или тенденциите на актуелното геополитичко пресложување на светската мапа. Историјата покажа дека ниту еден од тој судир на концепти не минува без турбуленции, сериозни закани и опасности и без жестоки спротивставувања, рече тој забележувајќи дека тие процеси можат да резултират со несогледиви реперкусии по светскиот мир и стабилност, но и по националната и колективна безбедност“, истакна Оливер Спасовски – Министер за внатрешни работи на РМ.

Регионалната соработка особено во безбедносната сфера е нужност без која практично е невозможно успешно справување со глобалните закани како што се миграциите, борбата против тероризмот, организираниот криминал, недозволената трговија, шверц и слично.

„Предизвиците се различни, некои се наши автохтони, карактеристични за овој несреќен историски регион, на кој се судираат интересите на големите сили, а некои се глобални од кои секако и ние не сме поштедени.Секако најактуелна е мигрантската криза, која е последица на конфликтите на блискиот исток, но пошироко гедано и нерамномерниот распоред на ресурсите и богатствата на државите, народите итн“, рече Желимир Кешетовиќ – продекан на Факултетот за безбедност – Белград.

Генерално прашањата кои се врзуваат за Балканот и безбедносните предизвици се постојано отворени прашања за кои се бараат нови одговори затоа што тие влегуваат во доменот на оние прашања кои во ситуација на голема употреба можно е на крајот да доживеат ефект обратен од посакуваниот, објасни Проф.Др Оливер Бакрески.

„Наместо разјаснување, настанува замаглување, наместо да дојдете до содржината, се случува затскривање. Ваквите заклучоци се можеби малку понејасни ако се земи фактот дека националните и глобалните безбедносни фактори манифестираат голема прагматичност од аспект на се она што преземаат“ потенцира Проф. Д-р. Оливер Бакрески – Институт за безбедност РМ.

Тридневната конференција во Охрид ја организира Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје, заедно со Факултетот за безбедност од Белград, со учество на експерти од областа на безбедноста од Велика Британија, Италија, Шпанија, Данска, Унгарија, Турција, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Србија, БиХ, Македонија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top