Бал под маски со хуманитарна цел на охридските деници

Први април не е само ден на шегата. На овој ден, охридските деници со смеа и забава му придадоа уште едно обележје – хуманоста. Средставата, кои синоќа беа собрани од „Хуманитарната вечер под маски“, ќе бидат наменети за потребите на децата со оштетен вид.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Незаборавна забава и дружење под маски со хуманитарна цел. Синоќа, во хотелот „Сити Палас“ во организација на женскиот Лајонс клуб „Деница“, одбележувајќи го 1-ви април, но и роденденот на клубот, охридските деници покажаа дека овој ден не е само ден на шегата, туку дека е и ден на хуманоста. Претседателката на клубот, Лидија Тилевска, вели дека поттикнати од мотото на лајонизмот, дека човек е богат онолку колку што може да дарува и да помогне на друг, верува дека ќе придонесат да усреќат дел од нашите сограѓани кои што навистина имаат потреба од помош.

„Со самото доаѓање овде, секој донира, секој учествува. Инаку, за да се собереме вака во поголем број во организацијата ни помогнаа и повеќе спонзори. Пред се голема благодарност на домаќините од хотелот „Сити Палас“, на сопствениците и на нивниот менаџер, кои се трудеа да ги задоволат сите наши потреби….благодарност и до музичарите, печатниците, новинариве и на сите што потрудија да го овозможат овој настан и да учествуваат во него“ – вели Тилевска.

Домаќинките на настанот, кои беа маскирани во злите Круели од играниот филм „101 далматинец“, сите идентични во нивната маска, не само што се покажаа како добри организатори, туку ја докажаа и нивната голема подготвеност да ја поттикнат хуманоста кај секој посетител. Претседателката Тилевска откри кое е значението на нивната маска.

„Не се издвоени големи средства за оваа маска… сакавме сите Деници да бидеме исти, да покажеме дека сите Деници заедно исто учествуваме, работиме во секој проект, сите се вклопуваме…. за обележје на вечерва симболично ја одбравме Круела Де Вил“ – изјави Тилевска.

Синоќа на „Хуманитарната вечер под маски“ беа собрани средства во висина од 60 000 денари. Истите тие ќе бидат наменети за потребите на децата со оштетен вид, односно ќе бидат обезбедени лаптопи и андроид телефони кои ќе бидат адаптирани на нивните потреби со посебни софтвери. Инаку, покрај доминантните Круели, на хуманитарниот настан маскирани беа и сите присутни гости, меѓу кои имаше и претставници од сите Лајонс клубови во Охрид и од Ротари клубот, а исто така под маска беше и нивниот гувернер Ѕвонимир Цветаноски. Дениците побројни, но и поуспешни продолжуваат со нивните активности. А посебно се подготвуваат за бројни настани во периодов што следи.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top